Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Неуродерматитис е состојба на кожата која започнува со петна на кожата кои чешаат. Колку повеќе се гребе кожата толку уште повеќе чеша. Овој круг влијае кожата да стане задебелена и кожеста. Болеста не е заразна и не е животно загрозувачка но е доживотна. Чешањето може да е толку интензивно и често да се повторува да го нарушува сонот и квалитетот на живот.
Може да се јави секаде, најчесто на стопала, глуждови, шаки, рачни зглобови, лакти, рамена, врат и скалп. Поретко на очни капаци, генитална (вулва, скротум) и анална регија.
Се јавува кај околу 12% од населението, почесто кај жени, меѓу 30 и 50 години.
Причината зошто се јавува е непозната. Постојаното триење и гребење кое ја карактеризира состојбата некогаш може едноставно да почне на место каде облеката ја иритира кожата. Волнена или синтетичка облека, оштетување на нерви, каснување од бубачки може да се предизвикувачки фактор. Алергиите на храна може да ја влошат состојбата со неуродерматитисот.
Водечки причини се анксиозност и стрес. Фамилијарна историја за сува кожа, дерматитис, егзема или псоријаза е ризик фактор. Одредени типови на личност се посклони – луѓе кои ги задржуваат емоциите, кои се претерано послушни, кои се сообразуваат со другите, кои ги задоволуваат другите.
Интензивно чешање и последователно гребење на кожата се водечки симптоми. Чешањето доаѓа и поминува, може да е итензивно и постојано, најчесто е кога особата е релаксирана и се обидува да заспие или кога е под стрес и е вознемирена. Чешањето може да стане навика.
Обично има едно или неколку петна. Постојаното гребење ги иритира нервните завршетоци во кожата интензивирајќи го чешањето што води повторно до гребење и така кругот се затвара.
Петната интензивно чешаат и ги тераат пациентите да се гребат, дури и несвесно го прават тоа и само да им се каже да престанат не е реалистично. Во некој смисол гребењето е пријатно затоа што дава ослободување (од чешањето , од напнатоста) и задоволство; ова објаснува зошто овој круг тешко може да се прекине.
Со тек на време кожата станува сува, задебелена, кожеста, луспеста – ова се нарекува лихенификација и затоа неуродерматитисот се нарекува хроничен лихен симплекс.
Особата може да има изразени гребаници по кожата, промена на бојата, дисколорација, отворени рани кои крварат, инфекции, лузни, губење на коса.
Пореметен сон, нарушен квалитет на живот.
Предизвк на третманот е прекинување на кругот на чешање-гребење, контрола на чешањето и сречување на гребење. Треба да се откријат и елиминираат факторите кои ја влошуваат состојбата.
Креми против чешање, кортикостероидни, нестероидни, инхибитор на калцинеурин (тактолимус)
Антихистаминици
Лекови за анксиозност
Лепенки со лидокаин 5% или капсаицин 8% (од чили пиперчиња, прави десензибилизирање на нервите)
Светлоса терапија
Психотерапија.