Не знаеме доволно за коронавирусот, вакцините не се ефикасни или ни ги менуваат клетките – ова се само некои од ставовите кои ќе чуете од луѓето кои се скептични во однос на опасностите од ковид-19. Сепак, д-р Ана Банко од Институтот за имунологија при Медицинскиот факултет во Белград даде објаснување за нив и објасни кои се најголемите заблуди за вакцините против вирусот.
Вирусот е изолиран, заблуда е дека не е и тоа е она што ни овозможи да имаме вакцини. Информациите и препораките постојано се менуваат, но не затоа што не знаеме доволно, туку затоа што секој ден дознаваме нешто ново и го акумулираме знаењето. Така сега знаеме дека вакцините не штитат од делта сојот како што штитеа од претходните соеви, но секако штитат од тежок облик на болеста
„Вакцините не се ефикасни или се опасни“
Бројни вакцини имаат далеку помала ефикасност од овие против корона, а имаат значајни ефекти во спречување на ширење инфекција. Против ебола, ефикасноста е поммала од 70 проценти, против грип е нешто поголема од 30% – објасни вирусологот Банко.
Масовната имунизација според многумина, само создава уште повеќе мутации и соеви. Во однос на ова, д-р Банко вели дека се работи за природна селекција и селективен притисок.
„Кога луѓето пијат антибиотици стануваат резистентни на бактерии, но постои можност да се стане резистентен и на антивирусни лекови, како кај ХИВ. Сепак, токму вакцинацијата треба да спречи да дојде до тие појави. И алфа сојот во Британија и делта сојот во Индија се појавија пред масовната имунизација во тие земји. Ниедна нова варијанта на корона не се појави на поднебје каде што е спроведена масовна имунизација“, додаде докторката.
Современата наука напредуваше, а и поради пандемијата работите се забрзаа, фазите во истражувањето и развојот на вакцината се преклопија. Но не се’ даде резултати. Австралија е една од државите кои први почнаа да работат на развој на вакцина, но нема нејзина вакцина бидејќи не успеа да ги задоволи критериумите. Вакцини нема премногу на светот, бидејќи се уште недосигаат.
„Нема совршена вакцина, клучот е во масовната имунизација која мора да опфати најмалку 70-80 проценти од населението. Ако не научиме ништо од епидемијата, ќе ги повторуваме грешките. Насловните страници на медиумите од времето на вариола вера во Југославија – „толку и толку мртви, се’ затворено“. И повторно се враќаме на тоа“, изјави докторката.
Според неа, вакцините кои се даваат во повеќе дози не се помалку ефикасни.
„Има вакцини за деца кои се даваат во две, три, па и четири дози или пак, оние за грип кои се сезонски. Тоа воопшто не ги прави лоши. Заблуда е дека новите дози секојпат му штетат на имунитетот. Напротив“, додаде таа
Што ни прават вакцините?
Разни лажни информации за „менување“ на нашите клетки се шират на интернет, а д-р Банко вели дека нема одговор за тоа.
-Вакцината „вметнува“ информации како што и секој вирус прави и нашиот имунолошки систем реагира. Современата наука овозможува самиот организам да создава протеини како во случајот на РНК вакцините, објасни таа.
Во однос на тоа дека има несакани реакции кои ги загрижуваат луѓето, докторката вели дека нив ги има кај секој лек, па и кај храната.
„Исклучително e важно пошироката јавност да сфати колкави се ризиците и веројатно за сериозни несакани реакции, па и смрт. Многу се зборуваше за вакцината на АстраЗенека и тромбовите кои предизвикуваат смрт, а таквата смрт е можна во еден од милион случаи. Тоа е како едно влакно на десет глави на луѓе кои имаат нормална коса, а ризикот од смрт при породување е 67 во милион случаи“, изјави таа на конференцијата „Имунизација – прашања и одговори“.