Мир Назир е еден од милионите Авганистанци кои се соочуваат со голема сиромаштија откако Талибанците ја презедоа власта во земјата.
Откако домашната валута нагло падна и цените се зголемија, милиони луѓе се обидуваат да продадат работи за да можат да ги прехранат своите семејства.
Но, Назир, 38-годишен поранешен полицаец, се соочува со најтешката одлука во животот-дали да ја продаде својата четиригодишна ќерка и на тој начин да го нахрани остатокот од семејството.
Тој бил забележан од новинар додека се пазарел со продавач на пазарот во Авганистан за купување намирници, и го понудил своето дете како залог, пишува „Тајмс“.
Назир добил понуда од локален продавач, кој не може да има деца и е подготвен да ја купи неговата ќерка Сафија. Му ја понудил сумата од 200 евра за неговата ќерка, која доколку таткото одлучи да ја продаде, ќе живее со продавачот и еден ден ќе започне да работи во неговата продавница.
– Ако некогаш ги соберам тие пари, можам повторно да ја вратам. Не можам да го продадам детето за таа сума, затоа го замолив да даде 500 евра, па се уште сме во преговори – рекол таткото.
Тој вели дека знае дека неговата ќерка ќе има подобра иднина ако живее и работи со продавачот, отколку ако остане со своите родители.
Назир дошол во Кабул со неговата сопруга и петте деца непосредно пред талибанците да ја преземат власта во земјата. Тој работи како чувар на еден пазар, но неговата плата не е доволна за да го нахрани целото семејство.
– Сите велат дека војната е завршена, но за нас борбата само што започнува и се вика сиромаштија – рече тој.