Делта сојот е дури и два пати позаразен од претходните варијанти на коронавирусот, а постојат и подотоци кои укажуваат дека може да предизвика и посериозни последици.
За разлика од претходните варијанти на коронавирусот, кои децата помалку или повеќе ги заобиколуваа, се чини дека делта сојот претставува за нив многу поголема опасност, а особено тоа се однесува на децата помали од 12 години кои не се вакцинирани. Според пишувањето на Американската академија за педијатрија, до почетокот на август, околу 94.000 деца имале ковид-19.
– Оваа варијанта е многу позаразна и затоа и почесто се забележува и кај децата – вели д-р Пол Офит, директор на Центарот за вакцинација и педијатрија во Филаделфија.
Според пишувањето на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), овој сој на коронавирусот е многу позаразен и може да доведе до посериозни последици. Со оглед на тоа дека поголем процент од децата не се вакцинирани, тоа ги става во групата која е почувствителна и која лесно може да се зарази.
Како изгледа инфекција со делта сојот кај децата и како да го заштитите семејството? Еве што велат стручњаците.
Кои се главни симптоми кај децата?
Сѐ уште е многу рано да се каже дали се разликуваат од симптомите на претходните варијанти на вирусот, а стручњаците велат дека губењето на мирисот и вкусот е многу поретко кај инфекциите со овој сој на коронавирусот, но главоболката, болното грло, течењето на носот и температурата се некои од симптомите.
– Малку е прерано да се видат резултатите од висококвалитетните студии кои се однесуваат на моменталниот пораст на заразата со делта сојот – изјавил д-р Мајкл Гросо, шеф на педијатрија во болницата Нортвел хелт Хантингтон.
Најчест симптом кај децата и младите е кашлицата, затнатоста и течењето на носот, гастроентеролошките симптоми и осипот којшто не се јавува толку често, додал тој.
Пред појавата на овој сој, повеќето деца кои имале ковид-19 немале симптоми, а сега се чини дека ги забележуваат сѐ повеќе.
– Која и да е варијанта на вирусот во прашање, родителите треба да бидат свесни и за другите состојби што може да ги предизвика оваа болест кај децата – додал Гросо, а една од сериозните болести од кои треба да се чуваат е мултисистемскиот воспалителен синдром (MIS-C) кај децата и адолесцентите.
– Се работи за не толку честа, но сериозна компликација на оваа болест, а се забележува и неколку недели по заразата – додал Гросо.
Ова се симптомите на мултисистемскиот воспалителен синдром (MIS-C)
– Болка во стомакот
– Крв во белоочницата
– Болка во градите
– Пролив (дијареја)
– Главоболка
– Замор
– Болка во вратот
– Осип
– Повраќање
Кога треба децата да се тестираат на ковид-19?
– Ако забележите дека имаат какви било респираторни симптоми, одете на тестирање – вели Офит. Децата кај кои се појавил кој било од горенаведените симптоми мора да бидат тестирани од педијатар. Ова особено се однесува за децата што се враќаат во училиштните клупи или се враќаат од одмор каде што биле во голема група.
Според доктор Офит, ако детето е позитивно, треба да се изолира додека симптомите не се повлечат. Тој додава и дека дури и ако детето е позитивно, но нема потреба од медицинска нега, родителите мора да следат дали се влошуваат симптомите како што се дишењето, но и општата состојба. Исто така, добра идеја е да носите маски и да ја проветрувате просторијата во која престојувате.
– Би било добро болната личност да има и сопствена бања. И на крајот, превенцијата е секогаш многу подобра од лекувањето па треба сѐ уште да се чува. Не е на одмет да се спомне дека сите кои можат треба и да се вакцинираат – заклучил Офит.