Коронавирусот се уште не е потврден во само шест од 193 земји што се полноправни членки на Обединетите нации, а според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), има заразени луѓе на сите континенти, освен Антарктикот.
Последната земја каде што е регистриран смртоносниот вирус е Палау, а тој пацифички архипелаг со стотици острови е дел од Австралија и Океанија, континентот со најголем број земји кои не се погодени од коронавирусот.
Најголемата земја во која, барем официјално, ниту еден случај на коронавирус не е потврден е Северна Кореја, чии власти го ставија во карантин градот Каесонг на 26 јули, недалеку од границата со Јужна Кореја, откако за едно лице се сомневаше дека е заразено со вирусот. Сепак, тие сомневања не се потврдени, така што, и покрај резервите и претпазливоста на бројни светски медицински експерти, Северна Кореја официјално е наведена како земја во која не влегол коронавирусот.
Туркменистан е втората азиска земја што не потврди присуство на коронавирус, иако се граничи со Иран, каде се регистрирани повеќе од 800.000 луѓе, како и со Казахстан, кој бележи речиси 125.000 случаи на инфекција.
Имаше спорадични извештаи за туркменски граѓани кои имале симптоми на коронавирус, па дури и за наводна смрт, но тамошните власти досега не пријавиле ниту еден случај на инфекција.
Останатите четири земји каде што коронавирусот не е потврден се наоѓаат во Океанија, а најнаселени од нив се Кирибати, кој има околу 120.000 жители. Најмалата земја без коронавирус е Науру, која има само 12.000 жители..
Следува листата на полноправни земји-членки на ОН во кои не е потврден случај на инфекција со коронавирус:
Азија (2): Северна Кореја, Туркменистан.
Австралија и Океанија (4): Кирибати, Науру, Тонга, Тувалу.