Кон крајот на јули, по освојувањето на вториот по големина авганистански град, Кандахар, Талибанците егзекутираа познат авганистански комичар, кој меѓу другите ги исмеваше и Талибанците.
Британски Дејли Мејл објави видео на кое се гледа Назар Мухамед, попознат како Каш Зван, во автомобил со вооружени исламистички милитанти.
Талибанците го извлекле од неговиот дом, го однеле со автомобил, а потоа го застрелале.
Назар Мухамед беше познат по своите снимки на Тикток во кои ги исмеваше Талибанците преку песна и танц.
Во видеото на кое се прикажани неговите последни моменти, комичарот прави шеги за Талибанците, поради што еден милитант во автомобилот му удри неколку шлаканици.
Според извештаите цитирани од „Дејли Мејл“, по погубувањето се појавиле фотографии на кои се гледа како комичарот стои покрај дрво, но и такви на кои се гледа како комичарот лежи на земја со пресечен врат.
Талибанците прво ги демантираа информациите дека се вмешани во убиството на комичарот, иако признаа дека двајцата мажи на снимката биле членови на нивната група. Тие рекоа дека комичарот е уапсен, додавајќи дека ќе му суди талибанскиот суд.
Според Талибанците, Назар бил вмешан во мачење и убивање на Талибанците. Комичарот претходно работел за авганистанската полиција, а потоа станал познат по шегите и духовитите песни.
Тој редовно се исмејуваше на сметка на голем број теми предложени од неговите следбеници на Тикток, вклучувајќи ги и Талибанците.
Зад себе остави сопруга и две ќерки.