Доцент д-р Синиша Стојаноски, Институт за Патолошка физиологија и Нуклеарна медицина
Што се нодусите или јазлите во тироидната жлезда?
Кога зборуваме за нодуси во тироидната жлезда, треба секогаш да се има во предвид дека всушност станува збор за тумори во тироидната жлезда. Со оглед дека тироидеата е орган-жлезда, овие тумори се во основа аденоми или тумори од жлездено потекло.
Какви можат да бидат нодусите во тироидната жлезда?
Постојат различни поделби и класификации на тироидните нодуси. Од практичен аспект, кој де факто е и најважен за пациентите, тие може да се поделат на бенигни или малигни, согласно типот на клетки од кои што се градени. Од функционален аспект, тие може да се поделат на афункционални или т.н. ”ладни” јазли и функционални или т.н. ”топли” јазли. Во однос на својата структура, тие може да се поделат на солидни јазли, јазли со цистична дегенерација и класични цисти (хеморагични, колоидни и т.н.)
Како се дијагностицираат јазлите во тироидната жлезда?
Основа на дијагностиката на тироидните нодуси е ехографскиот преглед, односно ултрасонографијата. Штом ехографски се детектира нодус во тироидеата, следува скенирање, што ќе ни покаже дали нодусот е функционален (топол) или афункционален (ладен). На крајот, секој нодус треба да се проанализира во однос на клетките од кои што е граден. За таа цел се прави цитодијагностичка пункција или пункциона биопсија на нодусот. Земениот материјал потоа се анализира под микроскоп и се поставува цитолошка дијагноза.
Како се третираат/лекуваат нодусите?
Доколку станува збор за класична циста, тогаш се прави евакуација (празнење) на нејзината содржина со евакуациона пункција, секако доколку е тоа возможно. Друга алтернатива е хируршкиот пристап. Малигните нодуси секогаш мора да се отстранат хируршки. Бенигните аденоми се следат на редовни контроли во однос на нивната димензија и секако се прават и контролни биопсии, со цел да не се пропушти нивна евентуална малигнизација. Доколку бенигните нодуси се големи и континуирано растат, па прават притисок и компресија на дишната цевка или околните структури на вратот, и кај нив се советува хируршки пристап.
Кои се најчестите видови на малигни тироидни нодуси?
Кога зборуваме за малигномите на тироидната жлезда, тогаш мислиме на тироидните карциноми. Постојат неколку типови согласно типот на клетките од кои што се градени карциномите, и тоа: папиларен, фоликуларен, медуларен и анапластичен карцином. Секако постојат и подвидови, мешани форми на карциноми или пак поретки видови на малигноми на тироидеата. Терапевтскиот пристап и постоперативното следење на карциномите е специфично и адекватно на типот на карциномот и стадиумот во кој што е дијагностициран.