Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Со прастот на температурата се јавуваат епидемии на дијареа. Акутната дијареа е гастроинтестинално пореметување кое се одликува со меки или ретки столици и почесто празнење на цревата (повеќе од 3 пати за 24 часа). Температутрата фаворизира раст на микроорганизми во храната која станува контаминирана.
Летните проливи често се јавуваат кога се внесува храна во ресторани, на забави, во летни кампови, мензи во ученички, студентски и домови за стари. Храна како месо, риба, морска храна, салати, кремови, јајца и млеко често се асоцирани со труење со храна. Повеќето бактерии не се отпорни на топлина и труењето може да се превенира со термичка обработка на храната.
Вирусна дијареа – инфекции со ротавирус се јавуваат во тек на цела година, може и неколку пати да се заразиме. Висока е заразноста и ширењето е едноставно во затворени простории во кои се задржуваат многу луѓе, предизвукува епидемии во градинки, домови за стари и болници. Ако детето е болно голема е веројатноста дека ќе заболат и другите членови од семејството. Првите знаци се јавуваат 12 часа до 4 дена по контакт со вирусот: повраќање, болки во стомак, покачена температура, потоа следи дијареа.
Бактеријска дијареа најчесто е од труење со храна или вода.
Бациларната дизентерија, предизвикана од бактерии Шигели, е фекално-орална инфекција. Болниот човек со дијареа преку столицата исфрла многу бацили на дизентерија во надворешната средина. Почеста е во лето поради зголемена консумација на овошје и зеленчук и почестите патувања. Почнува нагло со главоболка, слабост, губиток на апетит, потоа се јавува температура, силни болки во стомакот, лажни повици за дефекација, проливи кои стануваат слузави и крвави (карактеристични за дизентерија).
Патничките проливи се благи и траат неколку дена, болеста се пренесува со заразена вода или храна. На патување изложени сме на променета исхрана и бактериската флора во околината. Најчесто се од ендемски бактерии (ентеротоксична Еерихија коли) кои ги има во локалните води. Проливи, грчеви во стомак со мачнина и општа слабост се јавуваат во тек на првата недела од пристигнување во странската земја.
Салмонела ентероколитис, труење со храна контаминирана настанува кога храна или вода контаминирана со инфициран фецес се внесе преку уста. Почесто во лето затоа што бактеријата подобро расте на топло време. Се шири кога не се мијат рацете по употреба на тоалет. Со варење и пастеризирање се уништуваат бактериите. Најчесто се јавува од термички необработено месо (живина), јајца, непастеризирано млеко или сок, контаминирано свежо овошје, зеленчук или јатки. Симптомите се јавуваат брзо, во тек на 8-72 часа: болки, грчеви во стомак, треска, дијареа, температура, гадење, повраќање, мускулни болки, дехидратација.
Повраќањето и проливот може да предизвикаат сериозен губиток на течности и електролити, дехидратација: жед, сува уста, бледа и ладна кожа, вдлабнати очи, намалено мокрење, потемна урина.
Превенција: миење на зеленчук и овошје под млаз вода, лупење на лушпите каде е тоа можно, избегнување на листести салати, да не се јаде термички необработено месо, риба, морски плодови, миење на рацете пред припрема на храна, пред јадење.