Поделбата на Балканот не доаѓа од народите, туку од политичарите, сметаат Теодосиј Спасов и Влатко Стефановски кои синоќа настапија на сцената на Летниот театар во Варна, одржувајќи етно џез концерт-перформанс „Братство“. Двајцата музичари денеска и утре ќе бидат во Софија и Пловдив.
„Ме иритира поделбата што се наметнува меѓу народите на Балканот, но таа не доаѓа од луѓето, туку очигледно од дипломатите и политичарите“, изјави за БТА бугарскиот виртуоз Теодосиј Спасов. Тој и неговиот пријател од Северна Македонија, музичкиот уметник Влатко Стефановски синоќа настапија на сцената на Летниот театар во Варна, одржувајќи етно џез концерт-перформанс „Братство“. Двајцата музичари денеска и утре ќе бидат во Софија и Пловдив.
На прашањето дали свират бугарска или македонска музика, двајцата едногласно одговорија „балканска“. Публиката слуша музика од секоја етничка група која живее на Балканот, изјави Спасов.
– Меѓу македонскиот и бугарскиот народ нема кавги, ние се сакаме – истакна Стефановски.
Спасов додаде дека му е чудно кога некој тврди дека политиката е кауза за него, јави БТА.
– Кауза може да биде уметноста, политиката е наука, таа се изучува и има специјализирани училишта за тоа, рече бугарскиот музичар. Тој нагласи дека на политичарите очигледно им е потребна обука за дипломатија.
Двајцата пријатели се категорични дека никогаш не би се изневериле во име на преполни салони и сали.
– Ако сакам премногу публика, ќе се занимавам со комерцијална музика, но не правам компромиси со себе и се занимавам само со она што одговара на мојот вкус, без да се грижам што е модерно, а што не, рече Стефановски.
Тој посочи дека во различни периоди се фокусира на различни елементи во зависност од неговото внатрешно чувство. Неговата позиција е дека ниту поп музиката е евтина, ниту џезот е елитистички, а сето тоа зависи од талентот, знаењето, вештината, уметноста на музичарот.