Воведувањето на полициски час, како и забраната за музика во кафулињата на грчкиот остров Миконос ги натера туристите пред време да ги спакуваат куферите и да си заминат од познатото туристичко место.
Ситуацијата со болеста, а посебно делта сојот, на Миконос стана загрижувачка, откако е утврдено дека речиси 50% од новите случаи на островот се поврзани со местата за забава. Властите се принудени да ги вратат старите мерки за да го спречат ширењето на болеста, но и да спроведат ригорозни контроли на траектите кои ги носат туристите до островите. Во изминативе три дена, на две илјади и 500-тини луѓе им било забрането да се качуваат на траект до грчките острови затоа што немале потребна документација за имунизација или негативен ПЦР тест.
За Миконос, локалните власти велат дека од десет тестирани, најмалку еден е позитивен на болеста, а бидејќи единствениот хотел за карантин е преполн, и новите заболени не заминуваат од островот, туку кампираат на плажите. Просечната возраст на новите случаи е 27 години. За дел од туристите забавата е завршена, и си заминуваат, но има и туристи кои одлучуваат да останат.
Има многу позитивни случаи. Мислам дека до сега требаа нешто да преземат, многу ми е интересно што дозволија вака да се рашири, вели една млада туристка. Ова ќе предизвика домино ефект, ќе се откажат сите други настани, смета сопственик на кафуле.
Навистина размислувавме да си заминеме, да го откажеме патувањето. Дојдовме со авион, ќе видиме дали може безбедно да си заминеме, вели друг турист од Грција.
Извор: Телма