Американската влада истражува низа здравствени инциденти во Виена во кои се вклучени нејзините дипломати и друг персонал во администрацијата, соопшти Би-Би-Си, истакнувајќи дека пријавените симптоми се слични на „Хавана синдромот“, за кој се уште не е утврдена дефинитивната причина, но за кој американски научници велат дека најверојатно е предизвикан од насочени микробранови зрачења.
Откако претседателот Џо Бајден ја презеде должноста во јануари, повеќе од 20 претставници на дипломатијата на САД во австриската престолнина пријавија симптоми слични на „Хавана синдромот“. Случаи на таа состојбата се пријавени и во други делови на светот, но американските власти велат дека бројките во Виена се поголеми отколку во кој било друг град освен во Хавана.
Синдромот првпат беше пријавен во Куба во 2016 и 2017 година кога американски и канадски дипломати се пожалија на низа симптоми, почнувајќи од вртоглавица, губење на рамнотежа, губење на слухот и анксиозност до она што тие го опишаа како „когнитивна магла“.
Соединетите држави ја обвинија Куба за извршени „звучни напади“, што Хавана остро го негираше, а инцидентот доведе до зголемени тензии меѓу двете нации. Во 2019 година, американската академска студија, според британскиот јавен сервис, открила „аномалии на мозокот“ кај дипломатите кои се разболеле. Куба го отфрли овој извештај.
Случаите во Виена првпат излегоа на виделина во петокот, 16 јули во списанието „Њујоркер“, а подоцна ги потврди и Стејт департментот на САД, посочува Би-Би-Си.
Comments are closed.