Американците кои летово планираа да патуваат во странство можеби ќе треба да го одложат доколку им треба нов пасош или продолжување на постојниот.
Стејт департментот денес објави дека чекањето за пасош е од 12 до 18 недели, дури и ако се плати за забрзана процедура.
Таквото долго чекање е несакан ефект од пандемијата на коронавирус, што предизвика екстремни нарушувања во процесот на издавање документи во домашните центри и амбасадите и конзулатите на САД ширум светот.
Претставник на Стејт департментот рече дека за обработка се чекаат од еден и пол до два милиони апликации за пасоши, што значи дека апликациите што се поднесуваат сега најверојатно нема да бидат обработени пред есен.
Рејчел Арнт, заменик помошник државен секретар за пасошки услуги, рече дека Стејт департментот повторно вработува службени лица низ САД, како што се ублажуваат ограничувањата наметнати поради Ковид-19.
Таа им порача на Американците да достават барања за нов пасош или продолжување на постојниот најмалку шест месеци пред планираното патување.
Стејт департментот и Министерството за домашна безбедност веќе презедоа чекори за да им се олесни враќањето дома на Американците, кои се во странство и на кои им истекол пасошот.
Двете служби објавија во мај дека американските граѓани кои се во странство и чиј пасош истекол на 1 јануари 2020 година или подоцна, ќе можат да влезат во САД со тој пасош до 31 декември 2021 година. Оваа одредба не се однесува на патувања во трети земји, освен во транзит кон САД.
Comments are closed.