Германската полиција за малку не застрелала активист на Гринпис, кој непосредно пред почетокот на натпреварот меѓу Германија и Франција во Минхен, со параглајдер пресекол телевизиски кабли на покривот на стадионот, повредил две лица и слетал на терен.
Активистот на Гринпис имал намера да прелета над стадионот и да фрли топка на теренот со слоганот „Исфрлете ја нафтата“ со цел да го сврти вниманието на јавноста кон заштитата на животната средина, но работите тргнале наопаку. Тој ги пресекол телевизиските кабли на покривот на стадионот, а парчињата пластика и метал што паднале на трибината повредиле најмалку две лица, кои завршиле во болницата.
„Снајперисти веќе го имаа на нишан“, рече денеска министерот за внатрешни работи за баварскиот регион Јоаким Херман.
„Ако полицијата утврдеше дека станува збор за терористички напад, ќе платеше за тоа со живот“, додаде тој.
Параглајдерот на крајот слетал на тревата додека тимот се загреваа, а 38-годишниот Германец, кој поминал без повреди, потоа е приведен.
Тој бил денеска ослободен. Но, против него е покрената постапка за „повреда на луѓе, закани со летови“ и други „прекршувања според законот за авијација, кои сериозно ги ограничуваат можностите за прелет“, соопштила полицијата.
УЕФА го осуди „непромислениот чин“, а Германската фудбалска асоцијација (ДФБ) акцијата ја нарекла „неприфатлива“.
Портпаролот на Ангела Меркел, Штефен Зајберт, од своја страна, денеска ја осуди „неодговорната акција“, која „ги доведе луѓето во голема опасност“.
„Жал ни е што протестот не помина според планираното“ и „жалиме што луѓето беа загрозени и повредени“, соопштил Гринпис.