Елисан Силва (26) од Бразил ја носи титулата највисока жена во таа земја, поради нејзината висина од дури 207 сантиметри. Елисан е повисока од сите членови на нејзиното семејство, дури и од нејзиниот сопруг Франсиналдо (31), кој е висок 164 сантиметри.
– Уште во десеттата година забележав дека нешто не е во ред, затоа што бев највисока во моето семејство и во класот – објаснува Елисан, која потоа почнала да чувствува неподнослива болка во коските.
– Мајка ми е висока околу 160 сантиметри, татко ми околу 170, така што мојата висина беше шок за сите нас.
Отишла на лекар со нејзината мајка, но поради финансиската состојба не можела да ги направи сите потребни тестови и прегледи и да добие дијагноза за нејзината состојба.
Кога нејзината приказна стигнала до националната телевизија, во 2010 година таа отишла во Сао Паоло, каде што и биле обезбедени бесплатни сите тестови и прегледи.
Иако, како што вели, не било пријатно искуство, таа е среќна затоа што конечно го добила одговорот зошто чувствува болка.
Лекарите откриле дека на хипофизата и расте бениген тумор, што предизвикало прекумерно производство на хормон за раст, што довело до неверојатна висина, позната и како „гигантизам“.
Во текот на своето школување, таа честопати се соочувала со малтретирање и доделување на разни прекари како „кула“ и „џин“, што за неа било неподносливо, и затоа го напуштила училиштето.
– Тоа беше најтешката одлука што требаше да ја донесам. Иако сакав да научам, не можев да ги издржам реакциите и однесувањето на околината во тоа време. Во тоа време имав 17 години и моите родители не се мешаа во мојата одлука – рече Елисан.
Со сегашниот сопруг се запознала во 2011 година и покрај разликата во висината, таа веднаш се заљубила.
– Тој се однесуваше кон мене како кон човечко суштество, а не како чудовиште – рече Елисан, која во 2015 година се омажи за Франчиналдо, со кого сега го има синот Ангел (3).
– Навикнати сме на разни коментари од луѓе. Но, сега кога имаме прекрасен син, веќе не сум во центарот на вниманието. Иако тој е веќе висок 100 сантиметри, не верувам дека ќе порасне како мене, не верувам дека мојата состојба е наследна.
Елисан ја искористи својата висина како позитивна работа и сега работи како професионален модел, за што сонувала од својата 15-та година.
– Научив да ја сакам својата висина, дека нема никој друг како мене. Најдов човек кој ме сака, имам прекрасен син, прекрасно семејство и благодарна сум на Бога, кој ме научи да ги надминам сите препреки во животот – вели Елисан, пренесува Дејли меил.