Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Стресот доаѓа од сфатена закана. Кога мозокот ќе открие нешто што може да наштети, телото се мобилизира да се брани. Телото не прави разлика дали заканата е физичка или психичка и реагира на ист начин. Интензитетот на одговорот зависи од нивото на закана и вклучува различни органски системи и делови од телото.
Се ослободуваат хормони и хемикалии одговорни за „борба или бегство“ одговори кои му помагаат на телото да се подготви за борба или бегство. Дишните патишта се релаксираат, крвната струја се забрзува и повеќе кислород стигнува во мозокот, будноста се зголемува, се изоструваат сетилата.
Мускулите се стегаат, се подготвуваат за брза акција, телото се спрема да се бори или да бега. Стегањето на мускулите води до главоболка, болки во врат, рамена, грб.
Стресот може да биде и мотиватор и за определено време да ја зголеми продуктивноста особено кај млади возрасни лица или кај други да е блокатор, ги „парализира“.
Стресот влијае на расположението, се поврзува и со депресија и анксиозност. Телото е спремно за акција, но ако нема реална закана и нема ослободување од тензијата тоа води до постојаната иритабилност. Луѓето стануваат бесни со многу мала провокација.
Акутниот стрес предизвикува зацрвенување на кожата и потење; гребење и штипкање на кожата, кубење на косата, гризење нокти што може да остане како штетна навика.
Инфламаторнте болести се поттикнуваат и влошуваат, псоријаза, атопичен дерматитис (егзема) и акни, раните побавно зараснуваат, кожата прерано старее.
Дишењето станува побрзо, некои состојби како астма, емфизем може да се влошат.
Стресот води до зголемен крвен притисок, забрзан пулс. По краткотрајни стресови телото брзо се враќа во нормала. Хроничниот стрес се поврзува со срцеви болести, хронично покачување на крвниот притисок, забрзано стареење на крвните садови, срцев и мозочен удар.
Силни стресни ситуации предизвикуваат „скршено срце“, состојба слична на срцев удар која се случува при силен емоционален, болен настан (смрт на сакано лице), со градна болка, краток здив.
Хронично повисокиот кортизол влијае на имунолошкиот систем и го прави телото поосетливо на болести.
Стомакот се нарекува „втор мозок“. Пореметена е цревната флора, се јавуваат болки, грчеви, пеперутки во желудникот, зголемено лачење киселнини, гастритис и чир, синдром на иритабилно црево, апетитот се намалува. Варењето на храната се забрзува или успорува што води до дијареа или опстипација.
Некои лица имаат пораст на тежината, анксиозноста и несигурноста поттикнуваат стресно јадење брза храна полна со калории, шеќери и масти, зголемена консумацијата на алкохол.
Стресот има ефекти на метаболната активност, мобилизацијата на енергија е примарен резултат. Хормоните влијаат на покачување на глукозата во крвта. Глукозата дава енергија на телото за бегство или борба, се зголемува ризикот за дијабетес. Стресот придонесува за хронична хипергликемија кај дијабетес и е пречка за ефективна контрола на глукозата.
Нивото на репродуктивни хормони се менува и предизвикува абнормална овулација, ановулција, изостанок на менструација.
Стресот преку нервниот систем и хормоните ја намалува сексуалната желба, влијае на тестостеронот и на спермата, кај мажи може да се јави еректилна дисфункција.