Шест лица се заразиле со коронавирусот во рок од 14 дена по концертот во Барселона, но инциденцата е помала од онаа што се гледа кај општата популација, пишува Би-Би-Си.
Околу 5.000 љубители на музиката учествуваа во експериментот откако добија негативен резултат од тест за корона. Тие носеа маски, но не мораа да одржуваат растојание едни од други.
Од шесте лица кои се заразиле по концертот, научниците заклучиле дека четири од нив се заразиле на друго место, а не на самиот настан.
Борис Револо, вирусолог вклучен во дизајнирање на протоколите за безбедност во арената Палау Сант Џорди, рече дека не може категорично да исклучи дека другите две лица биле заразени за време на концертот, но дека постои голема веројатност пренесувањето да се случило на друго место.
„Мерките кои ги спроведовме беа многу сигурни“, додаде тој.
Концертот е еден од најголемите собири во Европа од почетокот на пандемијата, во време кога земјите ширум светот бараат нови начини за безбедно одржување јавни настани.
Местото на кое беше одржан концертот може да прими до 17.000 луѓе, но на 5.000 присутни минатиот месец не им беше дозволено да седат на трибините, туку беа ограничени на подиумот за танцување.