Полицајци од Колорадо обвинети дека ѝ ја скршиле раката на 73-годишна жена со деменција биле фатени од надзорни камери како се смеат и си честитаат додека ги гледале снимките од апсењето.
Видеото што го покажаа адвокатите на Карен Гарнер на судењето, покажува како полицајците се фалат со апсењето на жена чија рака е скршена и рамо е изместено затоа што излегла од супермаркет без да плати сметка од 14 долари.
„Подготвени ли сте за еден крц?“, праша службеникот Остин Хоп додека ги гледаше снимките од апсењето со другите колеги. Хоп тогаш се смееше и се пофали дека ја сруши постарата жена на земја.
Гарнер, која е висока 152 см и тешка 36 килограми, не добила медицинска помош шест часа. Сама, збунета и болна, остана во ќелија да чека додека некој не го извести нејзиното семејство, рече нејзиниот адвокат на судењето.
Апсењето уследило откако Гарнер се обидела да излезе од Валмарт без да плати за Пепси, чоколадо и уште неколку намирници. Иако на крајот ја напуштила продавницата без ништо, полицајците ја фатиле на пат кон дома.
Нејзините адвокати покажаа уште едно видео на кое полицајците се слушаат како ја прашуваат дали „сака веднаш да биде уапсена“, додека видно збунетата жена им кажува дека е на пат кон дома. Тогаш Хоп ја фатил за раката, ја фрлил на земја и ѝ ставил лисици.
На снимката се слуша и како еден од минувачите ја прашува полицијата дали мора да бидат толку агресивни, на што тие му одговориле да се тргне и дека тоа не го засега.
Полицијата соопшти дека не биле свесни за инцидентот се додека семејството на Гарнер не покренало тужба. Хоп беше суспендиран, додека уште двајца полицајци беа испратени на платено отсуство.