По кусо боледување на 82 години почина академик Богомил Ѓузел, македонски поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач, потврди семејството за САКАМДАКАЖАМ.МК. Ѓузел е поет, раскажувач, драмски писател, есеист – припадник на третата повоена генерација македонски писатели, генерацијата што се појавува во втората половина на 1950-те години на 20. век и која со своето дејствување изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската книжевност.
Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Србија, негова сопруга беше писателката Лилјана Дирјан која почина во 2017. Роден е во Чачак, каде што татко му, Димитар Ѓузелов, работел како гимназиски професор со забрана за враќање во Македонија. По бугарската окупација во 1941 неговото семејство доаѓа во Скопје, каде Ѓузел израснал и се школувал.
Во 1963 завршил англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј”. Во 1963–1964 година работел како ТВ реализатор во РТВ Скопје. Во 1964/65 година бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург, како стипендист на Британскиот совет. По враќањето, од 1966 до 1971 , работел како драматург во Драмскиот театар, Скопје, потоа од 1971 до 1973 година, како програмски директор на Струшките вечери на поезијата (СВП).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е избран на 4 јуни 2012 .
Погребот ќе биде утре.