Зоран Михајлов
Зоран Шоров охрабрен од настапот на Олимпијадата во Лос Анѓелес, со уште поголем елан продолжува со тренинзи. Во 1985 бгодина учествува на СП во Будимпешта и го освојува седмото место. Истиот пласман го имаше и на Европското првенство следната година. Во тоа време, заедно со сите боречки репрезентативци живее во хотелот во Сарај. Всушност тука е на подготовки, денот почнува со тренинг- оди во салите во РСЦ Кале и во Чаир, каде има борби со спаринг – партнерите, потоа оди на предавања, а попладневните часови во Сарај повторно се посветени на борењето! Можете да замислите колку беше интензивен и напорен секој ден на боречкиот шампион, кој и покрај сите обврски успеа да дипломира на Факултетот за физичка култура.
Славеничка атмосфера по првиот медал од ЕП
Во тие моменти мислите на Шоров беа насочени кон освојување медал од големите приредби. Знаеше дека тоа што го работи е добро и ќе даде резултат, но тоа мораше и на дело да се покаже. Тој не можеше да се задоволи само со победите на турнирите и она шесто место на Олимпијадата, посакуваше медал. Конечно дојде и тој момент.
-Беше тешко, но се навикнав и некако по автоматизам ги извршував сите работи, се сеќава Шоров. По Лос Анџелес имав и неколку значајни настапи – бев 5-ти на ЕП во Манчестер, а имав високи пласмани и на СП. Сите тие резултати ми ја отвораа вратата кон Олимпијадата во Сеул 1988 година. Меѓутоа, претходно требаше да ја потврдам олимписката норма. Тоа го сторив на најубав можен начин на ЕП во 1987 година во Велико Трново. Таму ја искористив шансата и по четирите победи едноподруго стигнав до финалето. Тука веќе немав што да барам, бидејќи против себе го имав најдобриот светски борач во тоа време Сергеј Белоглазов од тогашниот СССР. Загубив, но бев втор и се вратив со сребрен медал, што претставуваше огромен успех. Медалот беше прославен од целиот Штип, враќањето дома беше нешто посебно, нешто на што ќе се сеќавам целиот мој живот. Цел град како да беше на нозе, а дома славеничка атмосфера со ракија, виски и вино…
Нова Олимпијада и нов европски медал
Вратата за Сеул беше отворена. Оваа Олимпијада, за разлика од претходната пред четири години во Америка, блесна со сиот свој сјај. Овој пат немаше бојкот и на неа се појавија речиси сите земји – членки на Меѓународниот олимписки комитет. Самото тоа придонесе таа да биде поквалитетна, поинтересна и посилна.
Шоров на стартот од вториот негов олимписки настап имаше победа, но потоа доживеа два пораза и на крајот беше 13-ти.
-Навистина беше исклучително тешко, се сеќава Шоров, но и ждрепката, која во борењето игра голема улога, не ми беше наклонета. Во една таква ситуација не можев да го повторам резултатот од Лос Анџелес.
Потоа доаѓаат настапи на ЕП на кои двапати е шести, за конечно во 1991 година во Штутгарт повторно да се закити со медал. Зоран Шоров во првите четири кола имаше три победи и еден пораз од рускиот борач Умаканов, па така доби шанса да се бори за бронзениот медал.
-Во таа решавачка борба противник ми беше домашниот борач Јирген Рајс. Тој ја имаше поддршката од 7-илјадната публика, а јас ја имав вербата во себе и во сопствените сили. Без страв влегов во дуелот и освоив поен, кој успеав низ една тактичка борба да го зачувам до крајот. Тоа беше доволно за победа и за втор медал од ЕП, овој пат бронзен.
Со два освоени медали на првенствта на Стариот континент, освен борачите, ретко кои други спортисти можат да се пофалат. За Зоран Шоров, многумина – меѓу кои и познатиот руски тренер Шахмурадов, знаеја да кажат дека е типичен претставник на штипската боречка школа.
-Има нешто специфично во тоа момче, рече во една пригода Шахмурадов, кој еден период пред многу години престојуваше во Македонија, а најмногу се задржа во Штип. Тој носи во себе некои особини што можев да ги забележам и кај другите штипски борачи, кога престојував таму и работев со една плејада млади вљубеници во овој спорт. Уште оттогаш ми стана јасно дека – Штип ќе даде добри борачи, а еден од нив беше токму Шоров. Да се освојат медали на европските првенства тоа е тешка, но и голема работа, а тој во тоа успеа. Инаку, кај него забележав неколку особини што посебно ме импресионираа: беше многу жилав и борбен, кога ќе се „затвореше“ – ретко кој борач можеше да му пријде и да изведе зафат за освојување поен. Тоа најубаво го демонстрираше на ОИ во Лос Анџелес каде со малку поголема среќа можеше да освои и медал!
Член на првата македонска олимписка експедиција
За крај на својата меѓународна кариера Зоран Шоров го имаше настапот на Олимпијадата во Барселона 1992 година. Тука веќе беше член на македонската репрезентација. Иако пред почетокот на Игрите имаше многу перипетии околу тоа дали нашите спортисти ќе може да се појават на олимписките борилишта, сепак на крајот надвладеа разумот. Челниците на МОК увидоа дека нема никаква причина Македонија да не учествува на Олимпијадата и на нашите репрезентативци им беше овозможено да се натпреваруваат, но под референцата „независни“ спортисти, исто како што настапија и претставниците од републиките на поранешниот СССР, кој како и Југославија се распадна непосредно пред Олимпијадата.
-Во Барселона отпатував без некои поголеми амбиции, вели Шоров. Причината е едноставна: тренинзите не беа со потребниот интензитет, зашто не се знаеше дали ќе учествуваме или не на Олимпијадата. Во една таква атмосфера кога е присутна неизвесноста, доаѓа до психолошка оптовареност. Едноставно не можеше целосно да се реализира планираниот тренажен процес. Кога на ова ќе додадам дека претходно влечев повреда на рамото, нормално не можев да очекувам да се повтори резултатот од ЕП во Штутгарт, една година порано. Олимпијадата ја завршив на 11-тото место, што сепак, имајќи ги предвид сите околности што претходеа беше и добар пласман.
Разделбата од националниот дрес беше на ЕП во Истанбул 1993 година, но овој настап повеќе беше формален. Шоров отпатува во градот на Босфор за во репрезентацијата да има искусен борач, кој би се појавил како претходник на генерацијата што доаѓа.
Нема сомнение дека Зоран Шоров беше борач со големи резултати.Тој зад себе остави една блескава кариера, која му обезбеди вечно место во македонскиот боречки спорт, а дека е така говори и фактот што тој е прогласен и за великан на МОК. Шоров две години-1987 и 1991 беше избран за најдобар спортист на Македонија.
Таткото темпераментен навивач
Најголем поддржувач, што е и нормално, на почетокот му беше неговиот татко Коце.
-Тој не можеше мирно да ги следи моите борби, вели Шоров. Беше блиску до душекот и постојано потскокнуваше, довикнуваше, едноставно темпераментно го следеше мојот настап. Сето тоа изгледаше како и тој да се бори. Тоа се незаборавни моменти во мојата кариера.
Успешен и како тренер
Зоран Шоров по завршувањето на кариерата еден подолг период кон крајот на минатиот и почетокот на овој век беше шеф на Стручниот штаб на Балканец.
-Тогаш имавме добри борачи и двапати бевме екипни прваци на Македонија, а бевме и втори во Купот на европските шампиони.
Шоров и како селектор на младинската репрезентација со своите борачи имаше успешни настапи на големите приреби, од кои неговите избраници, особено од Балканијадите, се враќаа со медали.
Киро Ристов останува голема легенда
Според зборовите на Шоров во штипското борење продефилирале многу познати борачи, но според него Киро Ристов е најголемата легенда меѓу нив.
-Тој не само што ми беше тренер, туку ми беше пример чии резултати тежнеев да ги постигнам и надминам. Затоа, сакам да потенцирам, дека благодарејќи на него и сето она што ми го пренесе како негово искуство, стејнав „капитал“ што многу ми користеше во кариерата.
Шоров жали што Ристов многу рано замина од животната сцена.
-Тој можеше многу да даде на штипското и македонското борење. Беше настојчив, не знаеше за умор, постојано беше во движење. За него борењето претставуваше се во животот, па затоа младите борачи треба да го следат неговиот пример. Често се сеќавам на него: како на филм ми се враќаат споментите од заедничкото дружење, а посебно од часовите минати на душекот.