Зоран Михајлов
Ако ја прелистуваме боречката историја ќе сретнеме многу имиња што придонеле за афирмацијата на овој спорт и имаат значајно место во македонскиот спорт. Едно од тие имиња, што постигна врвни резултати,е штипскиот ас – Зоран Шоров. Тој во еден подолг период достојно го репрезентираше македонското борење и беше една од најзабележителните фигури на сите поголеми настани.
Зоран Шоров во богатата кариера, покрај освојувањето први места на бројните турнири ширум светот, а посебно на Македонскиот бисер на кој всушност ги направи првите чекори на мѓународната сцена – освои и два медала од Европските првенства. Тој на шампионатот во Велико Трново (Бугарија) во 1987 година беше втор, а четири години подоцна на ЕП во Штутгарт го освои третото место и бронзениот медал. Со вакви резултати малкумина македонски спортисти може да се пофалат. Затоа, кога се зборува за Зоран Шоров треба да се има предвид дека се зборува за еден великан на македонскиот спорт, за една жива легенда која треба да биде пример на помладите како со настојчива работа и желба може да се стигне до спортските височини.
-Штип е боречки град и центар на овој спорт во Македонија, вели Шоров. Борачите отсекогаш беа нешто посебно, тие уште од дамнешни времиња беа величани и отсекогаш имаа посебно место во градот под Исарот. Затоа, многу деца, меѓу кои бев и јас, сакаа да станат како поранешните шампиони и да бидат нивна достојна замена. Понесен од желбата и јас да бидам како нив, да станам спортист за кој ќе се говори и со кој ќе се гордее не само Штип, туку и Македонија, почнав секојдневно да тренирам. Целта беше јасна – да се развијам во врвен борач, способен да им се спротивстави на асовите од целиот свет.
И навистина така беше. Уште на почетокот се виде дека во тоа жилаво и храбро момче се кријат големи потенцијали. Прашање на време беше – кога ќе се вивне во врвот на боречкиот свет.
Охрабрувачки почеток
Во средината на 70-сеттите години од минатиот век Шоров почна да освојува медали во пионерска конкуренција, во која четирипати беше првак на Македонија, за во 1976 година да ја освои и титулата во младинска конкуренција.
-Се сеќавам тогаш, со мојот тренер познатиот и незаборавен шампион Киро Ристов, имав пеколни тренинзи. Тие се одвиваа во салата на Домот на пожарникарите каде и денеска е лоциран БК Балканец. Во таа сала, која не е кој знае каква, ние ги доживувавме првите моменти на радост. Тука, пред голем број гледачи кои доаѓаа до душеците, се водеа навистина спектакуларни борби. Тој дел од кариерата никогаш нема да го заборавам. Таа сала, иако мала, без адекватни услови за организирање боречки натпревари, за нас изгледаше како голема арена!
Инаку, прв тренер на Шоров беше Давидов, кој беше еден од пионерите на боречкиот спорт во Македонија. Потоа, тој кариерата ја продолжи во странство, најчесто престојувајќи во Австрија и во Словенија.
-Давидов беше мојот прв учител. Тој ми ги даде основите на слободното борење. Во негово време го освоив првиот медал на младинскиот меѓународен турнир во Бугарија. Таму бев прогласен за најмлад носител на медал. Потоа со Киро Ристов се надoградував и почнав да учествувам на врвните натпревари.
-Како младински првак на Македонија и тогашна Југославија, продолжува Шоров, настапив на младинското првенство на Европа во Познањ. Таму за малку ми побегна бронзениот медал и бев четрвти. Но, тоа беше голем стимул за мене да прдолжам уште пожестоко да тренирам. Следната година настапив и на Светското младинско првенство во Лас Вегас, каде се пласирав на 6-тото место. Патот веќе беше отворен, тука почнува мојата вистинска боречка кариера.
„Македонскиот бисер“ е нешто посебно
Зоран Шоров на Балканијадата во Атина, кон крајот на 70-сеттите години го освојува првиот медал – сребрен, а во 1977 година го имаше првиот настап на тогашниот Струшки, подоцна Македонски бисер. Веќе немаше сомнение дека е родена новата звезда на македонското борење. Toj во 1979 година учествува на Светското првенство во Улан Батор (Монголија), каде се пласира на 10-тото место, за една година подоцна на Струшкиот бисер да го освои првиот златен медал на еден сениорски натпревар.
-По „бисерот“ всушност Македонија, и во минатото и денеска – е препознатлива во боречкиот свет, па затоа беше посебно задоволство за секој борач, особено од нашата држава, е да триумфира на оваа приредба. Кога ќе се земе предвид дека на оваа приредба во минатото имаше врвни борачи, посебно во мојата категорија, обврската беше уште поголема. Требаше да се мине еден трнелив пат да се дојде до место на пиедесталот, зашто на патот кон медалите се испречуваа и олимписки, светски и европски прваци. Во една таква конкуренција беше пеколно, но затоа пак секаде каде што настапувавме, ние македонските борачи, што е и нормално ја имавме поддршката од публиката. Така беше на почетните „бисери“ во Струга, а иста беше сликата кога оваа приредба почна да се сели од град во град низ Македонија. Тие настапи, и покрај тоа што учествував и на многу други приредби – олимпијади, светски и европски првенства, ќе ми останат во посебно сеќавање.
Шести на Олимпијадата во Лос Анѓелес
Во тој период на боречката сцена во Македонија во категоријата до 57 килограми суверен владетел беше Ристо Дарлев. Токму тој беше противникот со кој Шоров мораше да се бори за место во репрезентацијата. Понекогаш за да може двајцата да настапат во репрезентативниот дрес еден од двајцата, а тоа најчесто беше Шоров мораше да симнува килограми да настапува во една пониска тежинска категорија – 52 килограми.
-Тогаш борачите бевме како едно семејство, вели Шоров. Ние заедно со членовите на Стручниот штаб и со докторот минувавме по околу 300 денови на подготовки, најчесто во нашата позната база Сарај, крај Скопје. Кога на овие 300 ќе се додадат уште 50 денови минати на натпреварите излегува дека боречкото семејство беше заедно преку целата година. Но, мора да се знае дека само така со редовна работа и планирани тренинзи може да се стигне до висок спортски резултати. Друг рецепт, освен редовен тренинг, за постигнување врвен резултат – нема.
Зоран Шоров на почетокот од 80-сеттите години заминува во војска. Доаѓа до мал прекин на тренинзите, но набрзо по отслужувањето на воениот рок се враќа во форма и учествува за прв пат како сениор на Европското првенство во Варна и на Светското првенство во Едмонтон (Канада). На двете приредби е десетти, за една година подоцна на Медитеранските игри во Казабланка – 1983 година да го освои второто место. Во борба за сребрениот медал беше поразен од турскиот репрезентативец. Но, претходните пласмани на сениорските приредби и овој на МИ му ја отворија вратата за настап на Олимпијадата во Лос Анѓелес во 1984 година.
-Олимпијадата во Америка претставуваше посебно доживување за мене. Тоа беше нешто неверојатно, како убав сон. Токму од тие причини што моите чувства беа возвишени, бев решен да го дадам својот максимум и да покажам дека сум борач, способен да се спротивстави на секој противник. Борбите на олимпискиот турнир за еден дебитант ги почнав одлично, на стартот извојував две победи. Потоа, дојде главниот противник-Американецот Дејвис. Иако тој беше фаворизиран не се уплашив, туку напротив бев решен да одам на се или ништо. И навистина така беше – поведов со 3:0, но потоа дојдоа моментите кога Дејвис потпомогнат од повеќеилјадната публика ја презеде иницијативата и дојде до победата. Испуштив голема шанса за освојување медал. На крајот, бев шести што за еден дебитант на ОИ претставуваше голем успех. Таму навистина нашата земја имаше една извонредна боречка „тројка“: Шабан Трстена стана олимписки шампион, а Шабан Сејдиу по втор пат едноподруго на Олимпијадите го освои бронзениот медал. Денеска такви резултати може само да сонуваме…
За Зоран Шоров повеќе немаше проблеми.Тој доживеа афирмација преку овие олимписки настапи и беше посакуван учесник на сите турнири.
-Почнав да крстарам низ светот и да постигнувам добри резултати. На многу турнири се среќавав со оние борачи, кои подоцна ми беа противници на големите приредби. Искуството од претходните борби со нив многу ми користеше. Кога доаѓаа моментите на одлука бев подготвен да го најдам најдоброто решение и да дојдам до победата.
Штипскиот борач со големи амбиции го продолжи патот и сега негова следна цел беше освојување медали од најпрестижните боречки приредби.
Идната недела: Сребро и бронза од Европските првенства