Првиот вицепремиер во Владата за борба против криминалот и корупцијата, Љупчо Николовски објави на својот Фејсбук профил дека се објавува оглас за 10 лица кои со својата експертиза би се приклучиле во неговиот Кабинет, со цел да се приклучат кон борбата против коруцпијата.
„Сузбивањето на корупцијата и криминалот, бара максимална екипираност и посветност. За таа цел, за потребите на мојот Кабинет, денеска објавивме оглас за вработување 10 лица, кои со својата експертиза и посветеност ќе ни се приклучат во борбата против корупцијата.
Идните членови на тимот, ќе помогнат во креирањето и реализацијата на системски мерки за спречување и искоренување на оваа појава. Нашата цел е да го вклопиме искусниот кадар со нови, прогресивни, енергични и високоедуцирани млади луѓе кои се подготвени несебично да придонесат во создавањето коренити промени во македонското општествено делување.
Сега е вистинскиот момент за исчекор напред. Оваа генерација има шанса да ја предводи таа предизвикувачка и комплексна борба! Создаваме држава која гарантира иднина за секој млад човек“, се вели во Фејсбук објавата на Николовски.