Малта планира да им понуди на странските посетители до 200 евра доколку летово останат најмалку три дена на медитеранскиот остров, изјави денеска министерот за туризам Клејтон Бартоло.
Бартоло рече дека, кога повеќето од антипандемиските мерки ќе бидат укинати до 1 јуни, на туристите кои ќе резервираат летни одмори директно преку локалните хотели, ќе им бидат дадени пари.
Тој најавува дека туристите кои ќе резервираат сместување во хотел со пет sвезди ќе добијат 100 евра од туристичката управа на Малта, а хотелот ќе додаде уште 100.
Во сличен аранжман, оние што ќе се определат за хотел со четири везди, ќе добијат вкупно 150 евра, а оние кои ќе резервираат хотел со три ѕвезди, 100 евра.
Податоците на Светскиот совет за патувања и туризам покажуваат дека туристичката индустрија директно и индиректно сочинува повеќе од 27 проценти од економијата на Малта, но тој сектор бил загрозен од пандемијата со Ковид-19.
Земјата привлече повеќе од 2,7 милиони странски посетители во 2019 година, но бројките се намалија за повеќе од 80 проценти од почетокот на пандемијата на коронавирус во март 2020 година.