Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Остеопенијата и остеопорозата се болести на скелетот. Се одликуваат со различен степен на губиток на коскена маса, тивки болести сé додека не се јави фрактура.
Коските се изградени така да издржат голем стрес од активности како одење, трчање, скокање. Исполнети се со густи флексибилни колагенски влакна стврднати со калциум и фосфор, потпора се на телото и овозможуваат движење.
Коската е живо ткиво, во постојано обновување, старата коска се разградува и се создава нова. Во детството и адолесценцијата коскената маса се зголемува, изградбата ја надминува разградбата. После 20-тите процесот се успорува, коскената маса се стабилизира. Врвот на коскена маса е околу 30-тата.
Со возраста коската ослабува, разградбата ја надминува градбата, создавањето нова коска не е во чекор со губитокот на старата коска, се намалува густината. Оваа средна точка меѓу здрава коска и остеопороза се нарекува остеопенија.
Остеопенијата ако се случи вообичаено е по 50-тите. Ако коските биле силни, остеопенија може никогаш да не се јави. Претварање на остеопенија во остеопороза зависи од многу фактори (колку биле силни коските во младоста, наследни фактори) и може да се превенира.
Остеопорозата ги прави коските слаби, кревки и полесно кршливи. Бавно се развива, во раните фази симптоми може да нема. Еднаш кога коските ќе бидат ослабени се јавува болка во грбот, губиток на висината, подгрбавеност. Скршената коска при случаен пад е најчестиот прв знак, најчесто колк, карлица, рака, ребра, пршлени.
Карактеристична наведната, свиткана нанапред, положба на телото се јавува поради пропаднат, скршен пршлен на рбетот и неможност да се додржи тежината на телото.
Хормоните играат улога. Намалување на нивото на заштитниот естроген кај жените во менопауза е еден од најсилните ризик фактори. Намалувањето на тестостеронот кај мажите е постепено. Третмани (канцер на простата, на дојка) кои го намалуваат нивото на тестостеронот и естрогенот го забрзуваат губењето на коскена маса.
Премногу тироидни хормони или хиперпаратироидизам.
Големината на телото – поситни жени и мажи имаат помалку коскена маса.
Пореметувања во исхраната – рестриктивни диети, анорексија, булимија, потхранетост, малапсорпција.
Хируршки зафати за намалување на желудникот, отстранување на дел од тенко црево.
Лекови – кортикостероиди, антиепилептици, лекови за гастричен рефлукс, за канцер, за трансплантација, хемотерапија, зрачење.
Медицински состојби – целијачна болест, болести на црн дроб, бубрези, инфламаторни болести на цревата, канцер, лупус, мултипли миелом, ревматоиден артритис.
Животен стил – седентарен начин, исхрана, пушење, алкохол.
Компликации: компресивни фрактури, на рбет и колк, фрактури на рбет се можни и без паѓање, пршлените се смачкуваат.
Превенција:
Калциумот постојано влегува и излегува од коските, ги прави силни. Повеќе калциум како додаток носи ризик за каменчиња во бубрезите, констипација и таложење на зидовите на артериите.
Протеини – градивни елементи на коските.
Здрава телесна тежина – малата тежина носи зголемен ризик од губиток на коска.
Витамин Д – ја подобрува способноста на телото да го искористи калциумот. Има три извори – сончева светлина (кожата создава витамин Д), храна, додатоци на исхраната.
Физичката активност помага за изгрдаба на цврсти коски и успорување на губитокот на коската. Комбинација на вежби за сила, вежби за одржување рамнотежа и дигање тежини.
Лекови – имаат несакани ефекти.