Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Дивертикулоза и дивертикулитис се состојби кои најчесто се јавуваат на долниот дел од дебелото црево (сигмоидален колон).
Дивертикули се мали испакнати торбички (како зрно грашок или поголеми) кои се формираат на лигавицата во зидот на цревото. Се развиваат кога природно слабите места во лигавицата на цревото попуштат кога е зголемен притисокот внатре во цревото при подолго задржување на отпадните материи, констипација.
Дивертикулоза е едноставно постоење на дивертикули.
Дивертикулитис е посериозна состојбата кога има воспаление, оток и инфекција на еден или повеќе дивертикули (кај 20-30% од лицата со дивертикулоза).
Појавата на дивертикули е честа и се зголемува со возраста: кај 10% лица над 40 години, 50% над 60 год. и скоро секој човек може да има над 80 години.
Дивертикулозата може да нема симптоми или умерени болки, грчеви во долен лев дел од стомакот, се влошуваат по јадење, се намалуваат по празнење на цревото или испуштање гасови, подуеност, опстипација, дијареа, ретко крв во столицата.
Симптоми на дивертикулитис – скоро постојана и посилна болка во мевот, температура, треска, гадење, повраќање, опстипација, поретко дијареа, слуз или крв во столицата.
Најчесто се дијагностицира во тек на акутен напад со абдоминална болка и исклучување на болести со слични симптоми (иритабилно црево, целијачна болест, карцином на дебело црево).
Ризик фактори: возраст, гојазност, пушење, физичка неактивност, исхрана (богата со животински масти и малку влакна), лекови (стероиди, опоиди, нестероидни анти инфламаторни лекови), генетика (блиски роднини со дивертикулоза).
Компликации на дивертикулитис (кај 25%): абсцес (30%, гној во дивертикулата), блокада на цревата (лузни), фистула (14%, абнормална врска со друг орган-кожа, бешика, вагина, матка, друг дел од цревото), перфорација со перитонитис (кај 1-2%, воспалена дивертикула пука и цревна содржина се излева во мевната празнина). Не е најдена директна врска помеѓу дивертикулоза и канцер на колон.
Третманот зависи од тежината на знаците и симптомите: одмор, промени во исхраната (потечна), антибиотици, оперативен третман (ресекција, колостома).
Дивертикулозата се смета за состојба која ќе е присутна до крајот на животот. Ако веќе еднаш имало епизода на дивертикулитис има 20% ризик да се повтори. Кај помалку од 6% има компликации или потреба од хируршка интервенција.
Исхрана богата со влакна – го омекнува отпадниот материјал и помага побрзо да помине низ дебелото црево, 30г. влакна за возрасни на ден (14 гр. влакна на 1.000 калории), свежо и сушено овошје, зеленчук, грав, варива, семки, јадки, житарки цело зрно, бобинки). Ваквата исхрана спречува констипација, го намалува холестеролот, го подобрува шеќерот, го намалува ризикот од колоректален карцином.
Внес на доволно течности – влакната абсорбираат вода и го зголемуваат мекиот отпаден материјал во цревата. Ако не се пие доволно течност влакната може да предизвикаат запек.
Регуларно празнење на дебелото црево.
Регуларната физичка ативност ја одржува нормалната цревна активност.
Престанок на пушење.