Синоќа во Барселона, првпат од почетокот на пандемијата, се одржа концерт со публика од 5.000 луѓе. Сите присутни пред почетокот на концертот биле тестирани за коронавирус.
Концертот на алтернативниот бенд Love of Lesbian се одржа во салата Палау де Сант Џорди, која може да прими 24.000 луѓе.
Настанот беше организиран за да се тестира дали ваквите концерти, со строги хигиенски мерки, можат да бидат безбедни и покрај пандемијата.
„Добредојдовте на еден од најтрогателните концерти во нашите животи“, ја поздрави публиката Санти Балмес, пејачот на групата.
Публиката била воодушевена од концертот.
„Беше одлично, всушност подобро отколку пред короната, бидејќи сите беа неверојатно среќни и возбудени што конечно присуствуваа на концерт. Многумина танцуваа и пееја користејќи заштитни маски“, изјавил Рубен Касадо за „dpa“.
„Се надевам дека наскоро ќе има слични настани“, рекол 48-годишникот.
Строги мерки имале пред и за време на концертот одржан под надзор на лекарите.
5.000 personas participan en un cribado para el concierto de Love of Lesbian en Barcelona
Por @davidexposito97https://t.co/5GOalR9zhE pic.twitter.com/XtZzdn7MzB
— NIUS (@NiusDiario) March 27, 2021
Во пресрет на концертот, публиката морала да се тестира за коронавирус во еден од трите специјализирани центри. Само шест од 5000 тестови покажале позитивни резултати, според весникот „Ла Вангуардија“.
На заразените не им било дозволено да дојдат на концертот, а парите од билетите ќе им бидат вратени. Негативните од Коронавирус добиле код на нивниот мобилен телефон без кој не можеле да влезат на концертот.
Билетите се распродадени и чинеле меѓу 23 и 28 евра. Во цената бил вклучен тест за коронавирус и висококвалитетна заштитна маска.
Сличен концерт со 5.000 луѓе се одржа во Мадрид во декември, но во тоа време не беше дел од истражувањето за мерките против епидемијата на коронавирус. Тогаш гледачите мораа да седат и да се држат настрана едни од други.