17 актери на Белградскиот драмски театар побараа од директорот Југ Радивојевиќ, Бранислав Лечиќ да не игра во претставата „Kad su cvetale tikve“ поради обвинувањата дека ја силувал колешката Даниела Штајнфелд, пренесе „Нова.рс“. Седумнаесет актери ја поддржале оваа иницијатива, додека 14 биле воздржани.
Утрово преку порака на Лечиќ му било соопштено дека не е планиран да игра вечерва затоа што има алтернација и дека неговиот колега Ненад Гвозденовиќ ќе го замени. Сепак, извори блиски до театарот потврдија дека станува збор за еден вид бунт во театарот.
Актерот се огласи преку социјалната мрежа Твитер во врска со пораката која ја добил од управата на Драмскиот театар во Белград.
-Со оние кои судат за луѓето со вакви случувања и обвинувања преку медиумите, без право на мојот глас и мојата вистина, никогаш веќе немам што да правам. Заборавете на нашата соработка и порачајте им на тие актери дека ни таквите луѓе, ни таквите актери воопшто не ме интересираат. Без оглед на годините, тие не знаат што е право, ниту правда. Нека ме избегнуваат, вистината ќе победи – напиша Лечиќ.
Инаку, актерката Даниела Штајнфелд откри дека мистериозниот силувач, чиј идентитет упорно го криеше од јавноста, бил актерот Бранислав Лечиќ. Таа изјави дека била силувана во 2012 година, поради што, како што рече, се преселила во Америка.