Зоран Михајлов
По првото загубено финале против Хипо од Виена во Лигата на шампионките (поранешен КЕШ) во 2000 -тата година, Кометал Ѓорче Петров и покрај едногодишната суспензија од европските терени, со несмален интензитет продолжува натаму. Целта е јасна – ново учество во финалето на најпрестижното европско натпреварување и освојување на титулата.
– По моето породување со Сара, ја продолжува својата приказна Индира Кастратовиќ, повторно се приклучив на екипата во која немаше неколку квалитетни ракометарки од претходниот состав, но затоа пак имаше нови исто така квалитетни девојки подготвени за најголеми подвизи. Тука беше и спонзорот Трифун Костовски во кого многу верувавме. Тој ни обезбедуваше максимални услови за работа и ги исполнуваше сите обврски кон ракометарките. Никогаш не отстапуваше од договореното, па сето тоа на нас позитивно делуваше и бевме подготвени да дадеме се од себе, да минеме низ сите неизвесности само да се искачиме на европскиот врв.
Ракометарките беа свесни за она што ги очекува и затоа беа максимално ангажирани на тренинзите и на натпреварите. За освојување на титулите и куповите во Македонија немаше проблеми – Кометал Ѓорче Петров беше доминантен. Но, настапите во Лигата на шампионките беа нешто друго, тука нормално – не само што беше потешко и понеизвесно, туку требаше да се „преживеат“ и многу драматични моменти.
-Првата година по истекот на казната знаевме дека нема да биде лесно и затоа максимално се мобилизиравме. Имавме верба и во тренерот Александар Панов, кој беше со големо искуство и знаење. Бевме толку самоуверени и сигурни што не помислувавме дека финалето може да ни побегнме, вели Индира, која и во тој период, како и пред породувањето, беше ракометарката од која зависеа многу нешта. Таа беше шутер, голгетер, организатор – со еден збор „алфа и омега“ во тимот.
Незаборавен реванш со Ларвик
Ракометарките на Кометал Ѓ.П. своите мечеви ги играа во салата во РСЦ Кале, кој практично беше нивни дом. Тука, иако салата беше со мал капацитет, тие беа свикнати на амбиентот и на публиката, која ја чувствуваа како нивни осми играч.
-Беше задоволство да се игра во Кале пред таа прекрасна публика, се зборовите на Кастратовиќ. И ние и гледачите бевме како едно. Тоа, за оние клучни мечеви е многу битно, зашто во моментите на криза и пад во играта, гледачите беа тие кои можеа да не „кренат“ и да ни дадат дополнителна сила.
Индира се сеќава, особено на полуфиналните средби со норвешки Ларвик, кој и тогаш и сега е присутен на сцената и секогаш игра значајна улога во европските купови, особено во Лигата на шампионките.
-Во Ларвик загубивме со 7 голови разлика и сите мислеа дека веќе сме елиминирани и – финалето е далеку од нас. Но, дојде реванш-средбата во Скопје. Салата во Кале беше преполна. Гледачите одвај чекаа да почне дуелот и да почнат со своето бучно навивање. Норвежанките беа збунети, како да се наоѓаа во вулкан, никако не можеа да се соземат. Кај нас проработи и оној балкански инает, па „загризавме“ уште од почетокот и поведовме дури со 9:1. Тоа беше нешто невидено, во салата завладеа вистински делириум, а ние понесени од атмосферата само газевме и настојувавме да ја зачуване разликата. Јас настапив со инекција против болка, но во тој занес на борбата – заборавив на се. Единствено што настојував во тие моменти беше – јас и моите другарки да останеме сконцентрирани до крај и да не му дозволиме на противникот да развие своја игра. На крајот успеавме во тоа – победивме. Може да замислите каков драматичен крај имаше полуфиналниот реванш во кој обезбедивме настап во ново, второ финале во Лигата на шампионките, по она во 2000-тата година кога бевме поразени од Хипо.
На радоста и немаше крај, тоа беа моменти на големо задоволство и за ракометарките и за гледачите.
-Инаку, што е исто така интересно да се каже, продолжи Kастратовиќ, раководството на Ларвик по пристигнувањето во Скопје беше толку сигурно дека нивниот тим ќе оди во финалето, па се интрересираше кои се најдобрите авионски врски за Подгорица, сметајќи дека нивни противник во борбата за титулата ќе им биде Будуќност. Но, и таа прогноза не се исполни, зашто Црногорките беа елиминирани од Херц Ференцварош, кој требаше да биде наш противник во финалето.
Историско финале за паметење
Секое финале на големите приредби, каква што е и Лигата на шампиопнките, се памети. Но, она финале од 2002 година, за нас љубителите на спортот во Македонија и воопшто за граѓаните на нашата држава, беше историско и- незаборавно.
-Знаевме дека од нас сите очекуваа да се искачиме на врвот и да се закитиме со европската круна, вели Кастратовиќ. Таа помисла не оптоваруваше, но и мотивираше. Бевме на прагот на остварувањето на нашиот сон. Шансата беше тука и требаше да се искористи.
Скопјанките првиот натпревар го играа на гостински терен, во Будимпешта. По голема борба беше „извлечен“ добар резултат за реваншот – Херц Ференцварош победи само со 2 гола разлика-27:25. Оваа негова предност со добра игра и во една пеколна атмосфера во Скопје можеше да се анулира.
– Во тоа речи си сите бевме свесни, вели Индира, но моравме да бидеме внимателни и да не се впуштаме во непотребни авантури во реваншот. Кога дојде денот „Д“, како што сите велевме, а тој ден беше 19 мај, не зафати онаа нервоза што е вообичаена пред вакви значајни мечеви. Тоа го почувствува и спонзорот. Тој дојде во хотелот на Средно Водно, каде што бевме во карантин, не собра сите девојки во една соба и со еден охрабрувачки, но и внимателен тон, ни објасни што би значела една победа за нас, за љубителите на ракометот, а и за цела Македонија. Тоа ние го знаевме, но Трифун Костовски на еден убав начин успеа некако да го намали стравот кај нас и да ја елиминира нервозата и тремата, која беше присутна кај сите ракометарки. Кога излеговме на теренот и кога го видовме амбиентот, бевме свсни дека за оваа публика, ако треба ќе согориме на теренот.
Салата во Кале беше замаглена. Тогаш пушењето беше дозволено, а тоа беше дополнителен проблем за ракометарките. Се чини дека овој проблем повеќе ги погоди гостинките, кои беа навикнати да играат во поконфорна сала во Будимпешта, во која и да се пуши, не е тешко да се игра.
Почетокот на мечот почна со тактизирање од двете страни што беше и нормално. Но, секогаш во играта се чувствуваше доминантноста на скопјанките. Кога мечот влезе во завршницата настана вистински пекол.
-Имавме водство од три голови, се сеќава Кастратовиќ. Јас се повредив и овој пат играв со инекција и голема болка во раката. Повеќе асистирав отколку што шутирав. На крајот, се да биде во стил-мечот го завршивме многу ефектно со еден прекрасен цепелин и гол за четири разлика и за наша конечна победа од 26:22. Тоа значеше остварен сон, исполнета желба и голема радост. Сите бевме пресреќни, трудот и секојдневните вложувања не беа взалудни- конечно го освоивме европскиот врв.
Потоа славјето се пренесе на Градскиот плоштад каде ракометарките беа пречекани од илјадници граѓани. Во дождливата ноќ сите се веселеа и со радост во душата – од се срце им ја честитаа победата на новите европски шампионки.
Кометал имаше и трето финале во Лигата на шампионките во 2005 година.
-Тогаш загубивме од данскиот Шлагензе, вели Кастратовиќ, а во победничкиот состав најдобар поединец беше нашата Валентина Радуловиќ. Потоа, размислував на повлекување. Одиграв уште две сезони и во 2008 година се простив од активното играње. Но, како што знаете и натаму останав во ракометот и се посветив на тренерската работа.
Индира Кастратовиќ зад себе остави една богата играчка кариера, со која може да се гордее. Нејзиното име со златни букви ќе биде запишано во македонската ракометна и, воопшто, спортска историја.
ПРВ СТРЕЛЕЦ НА СП ВО 1997 ГОДИНА
Индира Кастратовиќ откако во 1996 година доби македонско државјанство почна да настапува и за националната репрезентација.
-Во сеќавање ќе ми останат сите средби, почнувајќи од оној првиот квалификациски натпревар со Шпанија, па се до последниот во кој ги бранев боите на Македонија. Сепак, Светското првенство во Германија во 1997 година ми донесе многу радости. Таму бев прв стрелец со 71 постигнат гол. На крајот од нашиот амбасадор во Берлин, како честитка за постигнатиот успех добив исто толку ружи, кои долго ги чував-се додека не овенаа. Инаку, на овој шампионат посебно бев среќна по победата над фаворизираната Данска, која беше олимписки и светски првак. Таа наша победа го изненади ракометниот свет, а нам ни ја отвори вратата за четвртфиналето во кое игравме со Германките. Од нив загубивме, па во борба за седмото место ја совладавме Полска.
Две години подоцна на СП во Холандија и Данска Индира Кастратовик беше избрана во најдобрата „седумка“ на првенството.
Инаку во својата богaта кариера таа два пати настапи за репрезентацијата на Европа и еднаш за селекцијата на светот.
ТРИ ТРЕТИ МЕСТА ВО ЕВРОПА
Индира Кастратовиќ имаше и богата тренерска кариера. Со женскиот состав на Вардар некако се и е во знакот на бројот 3. Таа по трипати го освојуваше првенството и Купот на Македонија, а исто толку пати учествуваше на европскиот фајнал-фор на кој секогаш завршуваше на третото место.
По сениорскиот тренерски стаж сега ја води ракометната Академија и е координатор на сите младински селекции во Вардар.