Зоран Михајлов
Кога се зборува за македонскиот женски ракомет и за неговите успеси, не е можно да не се спомене името на Индира Кастратовиќ. Таа е дел од најубавите мигови на нашиот ракомет, често пати и творец на многу значајните победи на Кометал Ѓорче Петров и на репрезентацијата. Со нејзиното име се сврзани и триумфите во шампионатите на Македонија, а и оној најзначаен триумф на Кометал Ѓорче Петров во Лигата на шампионките во 2002 година.
Интересен е ракометниот пат на големата спортистка, за која многумина ќе кажат дека е родена да биде шампионка. И навистина така е. Индира Јакуповиќ, подоцна Кастратовиќ својата кариера ја почна уште во училиштето во Приедор, за да ја продолжи во родната Бања Лука. Веќе по првиот настап на тогашниот турнир на АВНОЈ, на кој учествуваа младинските репрезентација на сите републики и покраини од Југославија, стана интересна за многу клубови. Колку беше квалитетна и отскокнуваше над своите врснички најубаво говори податокот што уште како 17-годишно девојче стана член на еден од најпознатите женски ракометни клубови во тој период Халас Јожеф од Нови Сад. Се пресели во главниот град на Војводина и тука под будното око на познатиот тренер Бата Ѓорѓевиќ веќе сериозно зачекори на ракометните терени.
„Терминаторот“ од Бања Лука
Така „терминаторот“ од Бања Лука –Индира, тогаш Јакуповиќ, во 1988 година почнува да се натпреварува со најсилните екипи на поранешна Југославија.
-Бев професионална ракометарка, но истовремено, морав и да работам, се сеќава Индира. Тоа беше такво време, имаше скриен професионализам, но добро беше тоа што работев, зашто на тој начин се здобивав и со други искуства корисни за натаму во животот.
Инаку, тоа беше време кога на сцена беше една Дита Галиб, одличен десен бек. Нејзиното место со оглед на квалитетите и искуството што го имаше беше загарантирано, па Индира мораше да оди на крилната позиција.
-Тогаш заиграв на десно крило, а за да имам што повеќе натпревари, настапував со двојна регистрација- за Халас Јожеф и за Југоинспект, во кој по две години конечно се преселив. Тоа беше силна екипа, а јас и овде бев вработена во фирмата со исто име како и клубот, која се занимаваше со евидентирање на стоките што доаѓаа и се извезуваа од Југославија во други земји во светот. Беше напорно, но и интересно. Работата не ми пречеше да бидам редовна на тренинзите, зашто сето тоа некако беше усогласено и со обврските на другите ракометарки.
И овде Кастратовиќ минува две години за потоа, конечно да замине во шампионската екипа на Вождовац од Белград, на чие кормило беше познатиот тренер Драган Нишевиќ.
Корисно „малтретирање“ на тренинзите!
Многумина ќе се зачудат, кога раскажувајќи ја својата одисеја за времето минато во Вождовац, Кастратовиќ ке рече дека тоа беше време на „малтретирање“ на тренинзите!
-Нишевиќ беше познат по своите жестоки тренинзи, вели Кастратовиќ. Затоа, ние мислевме дека тоа што го прави е вистинско малтретирање. Но, тоа малтретирање беше корисно за подигнување на нашиот квалитет и воопшто квалитетот на играта, што носеше и резултат. Токму со тие тренинзи и начинот на работа – Нишевиќ стана еден од најпознатите тренери на југословенските простори, а беше и селектор на репрезентацијата, со која постигна забележителни резултати.
Тоа беше периодот од 1992 до 1994 година, кога Вождовац играше значајна улога во шампионатите на Југославија. Тогаш конкуренцијата за титулата беше многу силна. Тука покрај Вождовац беа уште Далма од Сплит, Локомотива од Загреб, Раднички од Белград, Будуќност од Подгорица.
-Сите мечеви со која и да е од овие екипи беа дерби, вели Кастратовиќ. Се сеќавам на натпреварот со Будуќност, од кој исход зависеше кој ќе биде новиот првак. Таму тренер беше познатиот Александар Панов, со кој подоцна Кометал стигна до европската титула. Во еден момент требаше да тргнам во противнапад. Се обидував од страничната позиција да земам залет, но никако не можев тоа да го сторам. Топката веќе беше далеку од мене, кога јас почувствував дека противничкиот тренер Панов ме држи за дресот! Нападот пропадна. И тоа беше дел од тактиката на Саша-само да се дојде до победата. Така пропадна и шансата Вождовац да дојде до шампионската титула.
Во првата година,по доаѓањето во Вождовац, Кастратовиќ стана и репрезентативка на Југославија.
-Моја неостварена желба остана да настапам на Олимпијадата во Барселона 1992 година. Тогаш се подготвувавме на Кошутњак во Белград и се беше подготвено за пат во Шпанија. Меѓутоа, на ден пред заминувањето дојде нашето големо разочарување. Ни беше соопштено дека поради санкциите кон Југославија, која веќе беше во распаѓање, нема да учествуваме на Олимпијадата. Бев многу разочарана, зашто само за чекор ја загубив можноста да го почувствувам духот на Олимпијадата.
Доаѓањето во Скопје
Индира разочарана од настанатата ситуација следните две сезони останува во Вождовац. И тогаш во 1994 година доаѓа до решавачкиот момент во нејзоината кариера. Тоа е периодот кога Трифун Костовски го презема Ѓорче Петров, кој добива уште едно име Кометал, и со големи амбиции почнува да создава тим за големи дела. Но, за да се оствари целта требаше екипата да се засили. Едно од имињата на кои „пикираше“ тогаш Кометал беше и Индира Кастратовиќ. Во првата средба со директорот на клубот Вања Бојков таа се колебаше.
-Некако ми падна чудно да дојдам во Скопје, вели Кастратовиќ. Се колебав зашто јас и не го знаев градот, луѓето, менталитетот. Во Скопје бев дојдена претходната година на турнир, но од градот не видов ништо. Бевме сместени во Пелагонија и единствени дестинациии ни беа – хотел-сала Расадник и хотел-кванташки пазар каде што одевма да изнакупиме прашаци за перење и миење за дома, зашто поради санкциите кон тогашна СР Југославија, во Белград тие работи не можеа да се најдат! Пресудна улога за моето доаѓање во Кометал Ѓорче Петров одигра мојот сопруг Зоран, кој ми рече дека би било добро да дојдам во Скопје, зашто тука во еден клуб со амбиции и силен спонзор ми се отвораат нови можности. Дојдов и не згрешив.
На екипите од Македонија во тоа време им беа отворени границите и можеа да учествуваат во сите европски и светски натпреварувања. Така Кометал почна со настапите во Купот на европските шампиони, а за голема радост на ракометарките клубот учествуваше и на Светскиот куп во Јоханесбург во 1994 година, каде скопјанките го освојуваат првото место, а Кастратовиќ е прогласена за најдобар играч. Тогаш во екипата имаше многу квалитетни ракометарки. Тука беа Гордана Нацева, Билјана Наумовска, Георгиевска, Чупиќ, Радуловиќ, потоа доаѓаат и Платон, Велкова, Бережњак… Кометал Ѓорче Петров од тие моменти тргнува со уште поголеми амбиции на патот кон успехот.
Прво финале и – казна!
Интересен беше патот на македонскиот шампион до европската титула. Кометал Ѓорче Петров по победите над реномираните противници веќе станува фактор во Европа. Кон него сега сите гледаат со респект, а рејтингот на клубот уште повеќе порасна кога стигна до првото финале во шампионската Лига во 2000-та година.
-Имавме силна екипа, се сеќава Кастратовиќ. Не ни недостигаше и потребното искуство, но против себе во финалето имавме еден противник со големо искуство, кој дотогаш осумпати го освојуваше КЕШ, потоа Лигата на шампионите. Плус тоа на нејзиното кормило беше еден од најпознатите светски тренери Гунар Прокоп, кој беше пак приказна за себе. Покрај знаењето и искуството што го имаше, а и името што го стекна во минатите години, тој не бираше средства да стигне до победата. Така беше и во Скопје, откако виде дека е „густо“ предизвика инцидент, па беше удрен од еден од гледачите. Е, овој момент беше фатален за Кометал, кој беше казнет една година да не учествува во европските купови. Тогаш многу ракометарки си отидоа, се чинеше дека клубот ќе пропадне, но раководството на чело со Трифун Костовски не дозволи да дојде до тоа. Откако се расчисти ситуацијата и се виде кој отиде, а кој остана- почна да се гради стратегија за идните чекори на клубот.
-Јас не заминав, а во периодот додека траеше суспензијата на Кометал Ѓ.П. мене ми се случи нешто најубаво во животот – се породив и во Сара јас и Зоран добивме, за наша голема радост, принова во семејството.
Веднаш по породувањето Индира се враќа на теренот и заедно со своите другарки тренира за да се реализира стратегијата на раководството на клубот, која беше насочена кон настап во второ европско финале и освојување на титулата. Тоа беше оптимистичка, но не и неостварлива желба .
Идната недела: Преку многу неизвесности до европската круна
Лична карта-Индира Кастратовиќ
Родена 1970 во Бања Лука (БиХ)
Кариера:Халас Јожеф, Југоинспект, Вождовац, Кометал Ѓорче Петров, репрезентација на Југославија и на Македонија
Успеси: Титула-европски првак, двапати вицешампион на Европа и едно полуфинале со Кометал Ѓорче Петров,12 титули првак на Македонија и 12 победи во Купот, учества на две Светски првенства – најдобар стрелец на првенството во 1997 година, Македонија седма и во најдобрата „седумка“ на СП во 1999 година, победа во Светскиот куп.
Тренерска кариера: РК Вардар
Успеси: Три титули првак на Македонија и три победи во Купот, три учества во европскиот фајнал-фор и трипати трето место