„Јас се вакцинирав за да дадам пример како раководство, не се вакцинирав од лична потреба дека сакав да се вакцинирам, мене не ми значи ништо, не сум вознемирен од ковидот. Во цела 2020 година немам земено слободен ден, постојано работам во болницата“, се правда секретарот на Охридската болница Антонио Наумоски.
Секретарот во изјава за „А1он“ вели дека на ваков чекор се одлучил затоа што имало вишок на вакцини. Според него некои од лекарите и медицинските сестри не сакале да се вакцинираат, а некои веќе имале антитела бидејќи ја прележале короната.
Наумоски вели дека причина за тоа што тој се вметнал е и што некои и немале средства да патуваат до Скопје за да ја примат вакцината.
„Во делот на вакцината ние добивме одредена бројка на вакцини како Општа болница Охрид и доставуваме барања до сите раководители на одделенија да се произнесат кој од персоналот е заинтересиран за вакцината“, вели Наумоски кој смета дека ова бил класичен линч врз него.