Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов на својот Фејсбук профил реагира откако Град Скопје даде предлог да го врати старото име на улицата „Борис Сарафов“ и да ја именува повторно во „4 Јули“.
„Интересно е, сепак, зошто се менува името на улицата Борис Сарафов. Оваа улица нема да го носи името на револуционерот, кој заедно со Анастас Лозанчев и Даме Груев беше во седиштето на Илинденското востание. Па, нема сомнеж дека Борис Сарафов е Бугарин. Неговата единствена „вина“ за оние во Скопје очигледно е дека тој е Бугарин и дека е офицер во бугарската армија. Исто така, да ги потсетам дека заедно со Гоце Делчев, Борис Сарафов дипломирал на бугарско воено училиште во Софија. Едниот го прогласувате за Македонец, а демонстративно го исфрлате неговиот брат Борис Сарафов од вашата историја“.
Тој исто така истакнува дека неговата партија ВМРО сака да го купи споменикот на Борис Сарафов, кој повеќе од четири години е отстранет од пред зградата на Министерството за надворешни работи во Скопје.
„Откако неговиот споменик беше тивко отстранет пред извесно време, ова е втор јасен гест од владејачките власти во С. Македонија. Каква друга причина би имале да се срамат од Сарафов освен што е Бугарин? Уште еднаш апелирам до надлежните во Скопје: ВМРО-БНД е подготвена да го купи отстранетиот споменик на Борис Сарафов, кој до неодамна чекаше во дворот на леарницата во градот да се стопи како старо железо“, стои во објавата на Каракачанов.
Инаку, вчера новинската агенција БГНЕС преагираше преку свој текст за враќањето на имињата на улиците во град Скопје.
“И денес македонската престолнина е единствениот град во Европа каде се среќаваат улици и булевари со имиња на комунистички лидери, вклучувајќи го и диктаторот Тито. Не постои ниту една улица во градот именувана на барем еден од десетиците илјади прогонувани и убиени од 1945 година. Со имињата на комунистичките водачи, има многу фабрики, училишта, па дури и културни центри. По распадот на Советскиот Сојуз, дури и во Русија, старите имиња беа обновени, вклучително и Санкт Петербург, кој Сталин го преименуваше во Ленинград, пишува БГНЕС.