Славниот хрватски тренер Мирослав Ќиро Блажевиќ уште еднаш слатко ги насмеа медиумите во Хрватска и на Балканот, откако даде интересно интервју во кое зборуваше за своето искуство со вакцината против коронавирус. „Тренерот на сите тренери“ беше прашан дали тој навистина е вакциниран преку ред, на што одговори дека бил „боцнат“ во Србија со руската вакцина.
Секој разговор со Блажевиќ е драгоцен, различен, оригинален, а смеата е загарантирана. Исто било и кога новинарите на порталот „24 сата.хр“ му се јавиле за да откријат дали е вистина дека човекот што ги водеше Хрватите на третото место на Светското првенство во Франција во 1998 година, ја примил вакцината преку ред во Загреб.
Следуваше крајно неочекуван одговор, во стилот на Блажевиќ.
„Не! Јас не се вакцинирав преку ред, не сакам така! Ако го направев тоа, сега ќе ми еб.. мајката“, рекол Ќиро во свој стил, додавајќи дека ја примил руската вакцина Спутник V во Србија.
Потоа, хрватскиот и босанско-херцеговинскиот тренер роден во Травник, пред 86 години, детално зборувал за вакцината, по што следеле разни негови шеги.
„Отидов таму убаво додека се уште можам и морам да ти кажам, секој ден кога ќе се погледнам во огледало, сè повеќе личам на Путин! Таа прекрасна светла коса расте, навистина е убава, само треба да го вежбам неговиот изглед и тоа е тоа “, се пошегува Блажевиќ, кој, како што рече, ја примил вакцината Спутник V пред околу десетина дена.
Имајќи предвид дека го чека ревакцинација и дека ќе мора повторно да замине во Србија, Ќиро уште еднаш се пошегувал:
„Нема да одам уште еднаш да ја примам втората доза, доста ми е една доза. Ми извадија крв и таму за да видат како реагирав на вакцината, претпоставувам тест за антитела. Брадата ми расте како на Дража Михајловиќ“, објаснил Блажевиќ во неговиот препознатлив стил.