Премиерот Зоран Заев предводи по бројот на следбеници на трите најголеми социјални мрежи, Фејсбук, Твитер и Инстаграм -објави радиомоф.мк. Веднаш зад него се наоѓа Министерот за здравство, Венко Филипче. Тие се единствените македонски владини функционери со повеќе од 100.000 следбеници на Фејсбук.
Секако, популарноста на Филипче особено порасна по почетокот на пандемијата со коронавирусот, кога токму неговите профили на Фејсбук и Твитер беа еден од главните извори на информации за јавноста во врска со состојбата со Ковид-19, мерките и препораките до граѓаните. Покрај Твитер профилот преку кој вообичаено ги споделува информациите во јавноста, Министерот има уште еден, приватен профил со далеку помалку следбеници.
Иако сите министри од Владата имаат профили на Фејсбук, не сите се присутни и на другите социјални мрежи. Интересно е тоа што Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, нема Твитер профил, а на оваа социјална мрежа не се присутни ниту министрите за транспорт и врски и за труд и социјална политика, Благој Бочварски и Јагода Шахпаска.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, како и министрите за култура и животна средина Ирена Стефоска и Насер Нуредини се единствените кои немаат Инстаграм профили.
Единствен кој е попопуларен на некоја друга социјална мрежа отколку на Фејсбук е Министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој има повеќе следбеници на Твитер.