Дваесет и двегодишниот Свен Баџак, студент од БиХ, е убиен во Лондон, пренесуваат британските медиуми.
Според весниците „Сан“ и „Мирор“, младиот човек бил прободен со нож во градска област во северозападен Лондон.
Младиот човек починал на самото место, а лекарите се борат за животот на неговиот пријател Боби, кој исто така бил нападнат.
Мајката на Свен, Јасна, по потекло од Мостар изјави дека тој е нејзиното единствено дете и дека тој бил одличен студент кој сака да стане адвокат.
-Тој ми беше единец, направив се што можев да добие добро образование. Последно што ми рече е: „Ти благодарам и те сакам“ по телефон. Секогаш доаѓаше да ме гушне пред да излезе од дома, постојано го потсетував да мие раце… Го бакнував секој ден, а ако прескокнев тој се жалеше, раскажа Јасна за „Стандард“.
-Беше многу шармантен, ги маѓепсуваше сите на кои наидуваше, вклучувајќи ги и професорите. Беше многу уверлив… можеше да стигне до врвот и да стане премиер. Беше убав и тоа го знаеше. Го прогонуваа многу модни агенции но тој мислеше дека тоа е премногу површно, сакаше да биде адвокат, вели мајката Јасна.
Таа во Лондон пристигнала бегајќи од војната во Југославија, и рече дека не се чувствува безбедно -иако сега е во друга земја.
-Некогаш секој ден ми држеа „калашников“ вперен во лице, а сега и во Велика Британија не се чувствувам безбедно. Мојот син се гнасеше од насилство, ни на крај памет не му падна дека ќе влета во него, рече таа.
-Одбивав да му подарувам светликави работи како „Ролекс“ или слично што некои би сакале да му го одземат. Свен никогаш никого не би повредил, им помагаше на старците на улица, им даваше пари на безбдомниците. Насилство немаше на неговата планета.
-Сакам, кој и да го направи ова да биде затворен до крајот на животот како и сите кои му помогнале или лажеле за него. Апелирам нивните мајка да ја направат вистинската работа, апелира мајката за „Стандард“.
Полицијата во меѓувреме најави зголемено присуство на улиците во британската престолнина.
-Ова беше варварски напад на јавно место и заедницата со право ќе биде шокирана, рече инспекторот Гај Елвуд додавајќи дека поради тоа ќе има повеќе полицијата на улиците во престојните денови.
Убиството на Баџак е едно од двете во Лондон кои се случија во период од 24 часа, наведува „Скај њуз“. Полицијата не верува дека двата случаи се поврзани.