Специјалист дерматовенеролог д-р Искра Петровска Шешова
Употребата на ботоксот е една од најчестите процедури во естетската медицина која е одобрена од FDA во 1989 година како третман за блефароспазам на очниот капак. Dенес со ботоксот се третираат повеќе од стотина медицински состојби како што е хиперхидроза, хронична мигрена и друго.
Во естетската медицина употребата на ботоксот е одобрена 2002година. Од тогаш милион луѓе се одлучуваат за овој естетски медицински третман.
Важно е да се знае дека употребата на ботоксот е безбедна и ефикасна како процедура во случај да ја работи сертифициран дерматолог или пластичен хирург со долгогодишно искуство и да се изведува во медицинска установа.
Што е ботокс?
Ботоксот е прочистен протеин добиен од бактеријата Clostridium botulinum. Ботоксот е извонредно решение во отстранувањето на динамични брчки на врат и лице. Кога во многу мали дози ќе се вбризга во мускулот овозможува релаксирање на мускулот при што брчките стануваат невидливи.
Регии каде може да се аплицира ботокс:
-Брчки на чело
-Глабела(меѓу очи)
-Регија околу очи
-Брчки на нос
-Брчки околу уста
-Брчки на врат
Како се изведува процедурата на ботокс:
Од особена важност е информирање на пациентот за целиот третман, што да очекува за време на третманот и како да се однесува после третманот. Пред интервенцијата се прави индивидуална проценка каде ќе се аплицира ботоксот и колку единици се потребни. Се става локален анестетик за да се обезболи местото. Местото каде ќе се аплицира ботоксот се обележува, се дезинфицира и се почнува со постапката.
Се употребуваат мали иглички со кои директно во мускулот се аплицира ботоксот. По завршувањето на третманот се ставаат ладни облоги и регенеративна крема. Самиот третман не трае повеќе од 15 до 20 минути. Пациентот чувстува единствено лесно пецкање за време на третманот. После третманот на местото каде е аплициран ботоксот може да има лесно црвенило кое што со ладните облоги се смирува.
Првите резултати почнуваат да се гледаат после 72 часа а максимумот од ефектот од ботоксот се гледа после 10 дена од апликацијата. Траењето на ботоксот е од 4 до 6 месеци потоа лицето се враќа во првобитната остојба. Може да се повтори третманот од кога ќе помине ефектот.
Дали постои лимит на години за апликација на ботокс?
Младите пациенти често се одлучуваат за ботокс како “превенција” пред да се појават првите брчки. Поради тоа не може точно да се каже кога е идеалното време за третман со ботокс. Тоа зависи пред се што сакате да постигнете, какви се вашите очекувања, како ви е изразена фасцијалната мимика и каков изглед ви се допаѓа.
Сите брчки со ботокс нема да ви исчезнат, важно е да имате реални очекувања. Ботоксот ќе ги избрише оние брчки кои настанале како резултат на фацијална еспресија (динамички брчки), нема да дејствува на брчки кои се веќе формирани (статички брчки). Во тој случај се комбинираат со други естетски третмани за постигнување на посакувани резултати.
Каде неможе да се аплицира ботоксот?
-Кај бремени жени
-Доилки
-Невролошки заболувања
-Моментална инфекција на кожа
-Кај пациенти кои имаат нереални очекувања
Несакани ефекти на ботоксот:
-Црвенило
-Оток
-Модрица
Тоа се несакани ефекти кои за кратко време се губат.
-Спуштен очен капаk
Овој несакан ефект може да се јави ако се аплицираат повеќе единици на ботокс и ако не се следат протоколите каде треба да се аплицира. Оваа компликација може да се јави доколку се изведува и од нестручно лице.