Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Лимфниот систем е мрежа од органи, лимфни садови и лимфни јазли разместени низ телото. Лимфните јазли или нодуси се мали овални органи на лимфниот систем во форма на гравче. Кај возрасни има околу 450-600 лимфни јазли во телото, бројот варира од лице до лице. Во телото се разместени во групи во близина на други поголеми структури (параортални, трахеобронхијални). Централниот нервен систем е одделен со крвно мозочна бариера и нема лимфни јазли.
Лимфните јазли меѓу себе се поврзани со лимфни садови. Лимфата ја има во цело тело и циркулира во лимфните садови кои се дренираат во и од јазлите. Секоја група на лимфни јазли дренира одредена област од телото.
Лимфата е жолтеникава течност составена од бели крвни зрнца (лимфоцити), белковини, масти и мртви или заболени клетки. Лимфоцитите циркулираат, доаѓаат во лимфните јазли, тамо се задржуваат и ги напаѓаат и уништуват патогените.
Лимфните јазли функционираат како филтри за страните честички, бактерии, вируси, клетки на карцином и ги заробуваат; ја филтрираат лимфата пред таа повторно да влезе во циркулацијата. Играат витална улога во способноста на телото да се бори со инфекции.
Лимфаденопатија е зголемување, оток на лимфните јазли; може да се абнормални по големина или конзистенција. Јазлите се зголемуваат кога повеќе крвни клетки доаѓаат, се натрупуваат да се борат против инфекција и предизвикуваат притисок и оток. Чест и неспецифичен знак е, секоја инфекција може да предизвика отечени лимфни јазли.
Отечените лимфни јазли се знак дека имунолошкиот систем се бори. Јазлите под мишките, во препоните или на вратот може да се напипаат и кога не се зголемени.
Отокот може да е локализиран на една област или генерализиран (автоимуна болест, малигнитет, лимфом – карцином на клетките на лимфниот систем, леукемија).
Отечените лимфни јазли се знак дека некаде во телото нешто не е во ред. Може да се зголемени, осетливи и болни на допир (инфекција, инфламација). Во зависност од причината се јавуваат различни знаци и симптоми. Тврди, фиксирани за подлогата лимфни јазли кои брзо растат може да се знак за канцер или лимфом. Треска и ноќно препотување се јавува ако има лимфом. Генерализиран оток на лимфните јазли низ телото е знак за инфекција (ХИВ, мононуклеоза) или пореметување на имунолошкиот сисем (ревматоиден артритис, лупус).
Најчеста причина за отечени лимфни јазли е инфкеција, бактериска или вирусна, настинка, инфекција на синуси, грло, уво, абсцес на заб, кожна или инфекција на рана (целулитис), сипаници, мононуклеоза (маркантно зголемување на јазлите на вратот). Отекуваат јазлите кои се најблиску до местото на инфекција, при инфекција на грло отекуваат јазлите на вратот.
Невообичаени инфекции – туберкулоза, трансексуално преносливи инфекции (сифилис), токсоплазмоза (паразитарна болест од контакт со измет од заразена мачка или недоволно термички обработено месо, генерализирана лимфаденопатија), болест од гребнатина или каснување од мачка (бактериска инфекција).
Пореметувања на имунолошкиот систем – лупус, ревматоиден артритис.
Канцер – лимфом, леукемија; други канцери кои се шират (метастазираат) во лимфните јазли.
Имунокомпромитирачки состојби – СИДА, генерализирана лимфаденопатија е ран знак на инфекција со ХИВ.
Ретки причини за отечени лимфни јазли – лекови против грчеви (фенитоин), превентивни лекови за маларија.