На 19 февруари 2019 година, во 86-та година од животот, почина еден од најпознатите дизајнери на денешницата, големиот Карл Лагерфелд, кого медиумите и обожавателите од милост го нарекувале „Каисер Карл“. Социјалните мрежи и медиуми и денес се преплавени со спомени од овој енергичен човек кој цели 36 години работел на тоа француската модна куќа „Шанел“ да остане недопирлива тврдина на луксуз и елеганција, недопрена од сите минливи трендови и промени во модната индустрија.
Кога ќе размислите малку, можете ли да се сетите на дизајнер кој во ова променливо време успеал да остане толку долго на својата позиција како што го направил тоа германскиот дизајнер? И тоа во куќа што не го носи неговото име и која не ја основал.
Лагерфелд бил незаменлив во својата амбиција, креативност, желба и непресушна енергија со која ги водел „Шанел“, сопствениот моден бренд „Карл Лагерфелд“ и италијанската модна куќа „Фенди“. Бил познат како брутално искрен човек, некогаш на граница на навредлив, па неговите изјави често знаеле да ја шокираат јавноста и да предизвикаат остри реакции.
Без влакна на јазикот ја критикувал секоја појава што не му се допаѓала. Една од неговите легендарни изјави е дека „тренерката е знак на животен пораз и луѓето што ја носат, имаат кренато раце од себе“.
Во продолжение прочитајте уште некои од неговите изјави што засекогаш ќе ги помниме.
- „Сакам постојано одново да се измислувам. Тоа е дел од мојата работа.“
- „Не барајте потврда од другите, ако сакате да останете ментално стабилни.“
- „Посакувам сите да носат што сакаат и да го стилизираат тоа на свој начин. Тоа значи да се биде модерен.“
- „Да се чувствуваш младо произлегува од начинот на живот, не од датумот на раѓање.“
- „Многу сум приземјен. Само што не сум на оваа земја.“
- „Никогаш не велете дека нешто е евтино. Денес сите можат да изгледаат шик во облека што не е скапа (и богатите ја купуваат). Добриот дизајн денес постои во секоја категорија и можете да бидете најшик личноста во просторијата во обична маица и фармерки.“
- „Никогаш немојте премногу да се жртвувате за нешто, бидејќи ако го направите тоа, нема да имате што повеќе да дадете и никому нема да му биде грижа за вас.“
- „Кога луѓето сакаат да бидат сакани поради она што го прават, време е да престанат да го прават тоа.“
- „Модата се движи напред, не живејте за сеќавање.“
- „Уникатноста почнува таму каде што престанува споредбата.“
- „Сакам брзо да објавувам работи, бидејќи сѐ ми станува здодевно.“
- „Суетата е најздравото нешто во животот.“
- „Она што најмногу го сакам во животот е новиот почеток.“
- „Промената е единствениот начин да преживеете.“
- „Зошто би престанал да работам? Ако го направам тоа, ќе умрам и сѐ ќе биде готово.“
- „Црното и белото секогаш изгледаат модерно, што и да значи тој збор.“