Американскиот милијардер Бил Гејтс повторно на Твитер изјави дека третманот со имунотерапија или моноклонски антитела е најдобрата шанса да се победи короната, односно третман кој засега најмногу ветува.
Третманот со моноклонски тела е малку познат третман кој го спаси од коронавирусот и американскиот претседател Доналд Трамп. Гејтс во својата објава на Твитер додаде дека канадски научници работат на тоа овој „лек што може да спаси животи“ да биде достапен на луѓето ширум светот.
Студиите покажаа дека таквата терапија, доколку се примени на време, може да ги намали стапките на хоспитализација до 70 проценти и на тој начин да спаси животи, особено кај оние групи кои имаат поголем ризик од развој на потешка форма на инфекција со ковид-19. Сепак, се чини дека малку луѓе, но и здравствени работници знаат за овој метод, како што напиша Си-Ен-Ен.
Американската администрација за храна и лекови (ФДА) издаде итно одобрување за употреба на „бамланивимаб“ или моноклонални антитела на компанијата „Ели Лили“ на почетокот на ноември. Помалку од две недели подоцна, Агенцијата итно го одобри коктелот од моноклонални антитела на Регенерон, РЕГЕН-ЦОВ2, кој се состои од две такви антитела – „казиривимаб“ и „имдевимаб“. Овој коктел го примил американскиот претседател Доналд Трамп кога се зарази со коронавирус на почетокот на октомври.
ФДА препорачува моноклонални антитела да се даваат што е можно порано, или веднаш по појавата на првите симптоми или позитивен резултат од тестот. Поради ограниченото снабдување со овој лек, одобрението е ограничено на пациенти со висок ризик, како што се луѓе над 65. години, лица со висок индекс на телесна маса или други хронични болести.