Во центарот на Скопје, синоќа инспекторите и полицијата влегле во јога студио каде имало повеќе од 25 лица кои ‘полуголи’ вежбале јога и го затвориле студиото, тврди за „Слободен печат“ директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.
„Полицијата ги избрка од јога студиото. Тие си мислеле дека може да работат до 24 часот, но јасно е со мерките и препораките за заштита во време на пандемија дека тоа не е така“, изјавил Пауновски за „Слободен печат“.
Инспекторите синоќа имале полни раце работа и во баровите „Три кичен“, „Мош“ и „Холивуд“ кои исто така имале гости во алкохолизирана состојба кои бегале од споредни излези, но биле затекнати од органите на прогонот на излегување кои биле распоредени на сите излези, додава Пауновски.
Во Станица 26, едната врата била затворена, па гостите излегувале преку излез од друга врата за да бегаат. Ама полицијата ги чекала од двете врати и го затвориле објектот.