Европа е во вториот бран на пандемијата на коронавирус, што доведе до воведување на нови, строги мерки, дури и делумно или целосно заклучување на некои земји.
Поради празниците, кога луѓето традиционално се собираат со семејствата или пријателите, кои можат да бидат потенцијални жаришта, се воведуваат нови мерки.
Дер Шпигел објави преглед на мерки во неколку клучни европски земји, со оглед на тоа дека во Германија се води јавна расправа за тоа кои и какви мерки треба да се пропишат за празниците.
Во Шпанија забрана за патување меѓу региони
Во Шпанија и понатаму на сила се мерки според кои е забрането патување од еден во друг регион, како и собирање повеќе од шест луѓе дома.
Сепак, по повод празниците некои мерки олабавуваат: 24, 25 и 31 декември, довзолено е собирање до десет луѓе, вклучително и деца, а ќе може и да се отпатува на посета, но на најблиските роднини.
Во Франција забрана за излегување од 21 до 6 часот
Во Франција дозволено е одбележување на празниците со максимално шест возрасни, додека бројот на деца не е ограничен. Премиерот Жан Кастекс најави дека полицијата нема да ги контролира празничните прослави на граѓаните, а можно е да се патува низ државата. Франција и така беше потполно затворена со недели, па најавено е дека некои мерки престануваат на 15 декември. Но, потоа стапува на сила забраната за излегување од дома од 21 до 6 часто наутро, која нема да важи на 24 и 25 и на 31 декември.
Во Франција за време на празниците остануваат затворени кафулињата, баровите и рестораните, но ќе може да се посетат музеи и театри, со посебни мерки на претпазливост. На мисите ограничен е бројот на учесници, откако црквите претходно беа затоврени со одлука на властите. Сепак, по поднесените тужби тие се изборија да бидат отворени, а мисите ќе се одржуваат со редуциран број верници, односно на секое трето место по еден, на секој втор ред.
Австрија со строги мерки на границите
Во Австрија дозволено е собирање на поблиското семејство за божиќните празници, но не во поголем број од десет. Патувањата во внатрешноста на земјата е дозволено, но затоа Австрија воведува рестриктивни мерки на границите, затоа што се плашат од вирусот.
Полска во „фаза на одговорност“
Полска беше силно погодена од вториот бран на пандемијата. Врвот беше достигнат на 7 ноември со 27.875 нови инфекции – од вкупното население од околу 38 милиони. Но, бројот на новозаразени опаѓа веќе неколку дена. Властите избројаа само 8.312 нови случаи во вторникот.
Полската влада воведе релативно строги правила за заклучување: училиштата се затворени, хотелите и баровите исто така. Рестораните можат да доставуваат храна. Во продавниците одредено време е резервирано за постарата ризична група.
Владата ја нарекува оваа фаза од борбата против пандемијата „фаза на одговорност“. Треба да се примени до 27-ми декември. Овие мерки се олеснети на Божиќ: на пет лица им е дозволено да присуствуваат на приватни прослави – не сметајќи ги домашните – но гостите треба да доаѓаат од истото домаќинство. Особено болно за католичката земја е што има и строги ограничувања за учесниците во црковните настани.
По јануари следува она што полските власти ја нарекуваат „фаза на стабилизација“, па затоа зимскиот распуст е продолжен до 17 јануари. Хотелите остануваат затворени, но ски-лифтовите ќе бидат отворени. Вакцинацијата треба да започне во февруари.
Само три гости по домаќинство се дозволени во Холандија
„Работите не одат како што треба“, гласи тековната проценка на холандскиот премиер Марк Руте за состојбата во Холандија. Неговата влада затоа ги продолжи мерките против короната за време на празниците.
Баровите и рестораните се уште се затворени. Дури и за време на Божиќ, на граѓаните им е дозволено да примаат најмногу три гости дневно дома, и по можност да доаѓаат од околината. Повеќето цркви се затворени.
Во Велика Британија, сепак, ќе има олеснување на мерките за Божиќ. На граѓаните им е дозволено да се организираат во т.н. меур, што значи дека од 23 до 27 декември, три домаќинства ќе можат заедно да го слават Божиќ, да се посетуваат и да спијат едни кај други. Во Северна Ирска, истото ќе трае до 29 декември, додека Шкотска е построга – овозможува собирање до осум лица.
Строги мерки во Италија
Владата на премиерот Џузепе Конте драстично ја ограничи слободата на движење за време на празниците во Италија. Од 21 декември до 6 јануари, Италијанците веќе не смеат да го напуштаат родниот крај. Тогаш, на пример, патувањето меѓу Ломбардија и Тоскана ќе биде забрането. И секој што сака да се врати во Италија од странство во тоа време, мора да биде во карантин две недели.
На Божиќните и новогодишните празници важат уште построги правила: сите граѓани мора да останат во нивната општина. Посета на роднини е забрането – секое домаќинство треба да слави за себе.
Постојат исклучоци, на пример, кај баби и дедовци на кои им е потребна поддршка. Исто така, постои забрана за излегување по 22 часот, па Божиќните миси мора да се одржат пред тоа.
Сепак, рестораните, кафулињата и слаткарниците остануваат отворени до 18 часот во областите со најниско ниво на ризик – дозволени се до четири лица по трпеза. Секој што ќе ги прекрши правилата може да очекува казни од 400 до 1.000 евра.
Во Шведска се отворија продавниците
Во Шведска, продавниците, рестораните и ски-центрите остануваат отворени, земјата не ги заострува правилата за Божиќ.
Премиерот Стефан Лофвен пред некој ден го упати својот вообичаен апел до совеста на граѓаните: „Ве молам, не празнувајте со повеќе од осум луѓе дома и избегнувајте патувања, вечера и шопинг“.
Грција ќе олабави некои мерки, но воведува национален полициски час
Грција ќе го намали времето за карантин и повторно ќе ги отвори црквите за време на Божиќните празници, објави владата во Атина.
На патниците кои влегуваат во земјата од 18 декември до 7 јануари, нивниот задолжителен период на карантин ќе се намали на три дена и ќе мора да одат на брз тест на аеродромот за да потврдат дека не се заразени.
Црквите ќе бидат отворени на Божиќ и Богојавление, кои се слави на 6 јануари. Девет лица во црквите и 25 во катедралите ќе бидат дозволени на овие два празника, рече Стелиос Петсас, владин портпарол.
Грција планира да воведе национален полициски час од 13 декември до 7 јануари, каде што граѓаните ќе мора да останат во своите домови од 22 до 5 часот наутро, а доколку сакаат да го напуштат домот ќе треба да побараат дозвола од властите.