Доцент д-р Синиша Стојаноски, Институт за Патолошка физиологија и Нуклеарна медицина
Што претставува струма или гушавост?
Струмата или гушавоста е состојба на зголемување на димензиите (волуменот) на тироидната жледа. Иако нутритивни, генетски или имунолошки фактори може да предизвикаат струма или гушавост, сепак во 90% од случаите, јодниот дефицит е во основата за настанување на ова тироидно пореметување.
- Зошто јодниот дефицит игра толку важна улога?
- Јодот е неопходен за синтезата на тироидните хормони. Т 4 – тироксин и Т3 – тријодтиронин се хормоните кои што се создаваат во тироидната жлезда. Т4 во својата структура содржи 4 јодни атоми, а Т3 во својата структура содржи 3 јодни атоми. Согласно на структурата на тироидните хормони, станува јасно зошто улогата на јодот е толку значајна за синтезата на тироидните хормони.
- Дали тоа значи дека јодниот дефицит води до намалено ниво на тироидни хормони?
Всушност, продукцијата на тироидните хормони е во директна релација со количеството на јод во организмот. Кога постои јоден дефицит, со оглед на фактот дека јодот е неопходен елемент во структурата на тироидните хормони, тогаш логично е дека и создавањето на тироидните хормони е пореметено.
- Кој е механизмот за настанување на струмата или гушавоста?
Секогаш кога ќе се намали продукцијата на тироидните хормони, а следствено на тоа, ќе се намали и нивната концентрација во крвта, доаѓа до активација на оската хипоталамус-хипофиза-тироидна жлезда. Тоа е во основа нормална реакција во организмот, бидејќи оваа оска функционира на принцип на негативна повратна спрега. Ниското ниво на тироидни хормони, води до зголемена продукција на ТРХ (тиреотропен рилизинг хормон) од хипоталамусот и зголемена продукција на ТСХ (тиреостимулирачки хормон) од хипофизата. Зголемената продукција на ТСХ е во основа најважниот адаптивен механизам во услови на јоден дефицит во организмот.
- Како се зголемува волуменот на тироидната жлезда?
ТСХ или тиреостимулирачкиот хормон има 2 главни функции: да ја стимулира синтезата на тироидни хормони и да го зголемува волуменот на тироидната жлезда. Во физиолошки услови, кога има доволно јод во организмот, нивото на ТСХ расте секогаш кога има потреба од тиродини хормони, се стимулира создавање на тироидни хормони, и кога ќе се достигне нормална концентрација на тироидни хормони (согласно со метаболните потреби во организмот), синтезата на ТСХ се враќа во нормала. Но кога во организмот постои јоден дефицит, тогаш високото ниво на ТСХ перзистира, бидејќи не се создава доволна количина на тироидни хормони. Сега до израз доаѓа втората фукнција на ТСХ, а тоа е зголемување на волуменот на тироидната жлезда.
- Што поточно се случува на ниво на тироидната жлезда?
Тироидната жлезда е градена од клетки наречени тиреоцити. Кога постои во континуитет повисоко ниво на ТСХ, тој доведува до 2 процеси на ниво на тироидната жлезда: хипертрофија и хиперплазија. Хипертрофијата значи зголемување на димензиите на тиреоцитите. Хиперплазијата значи зголемување на бројот на тиреоцити. На тој начин, зголеменото ниво на ТСХ, преку стимулација на порастот на бројот и димензиите на тиреоцитите, во адекватен временски интервал на делување, доведува до зголемување на волуменот на тироидната жлезда, односно доведува до струма или гушавост.