За вакцини, односно имунизацијата годинава ќе бидат потребни 467, 9 милиони денари, а од оваа сума 69,722 милиони денари се предвидени за авансно плаќање на вакцините против КОВИД-19. Министерството за здравство преку COVAX Facility ќе набави 833.000 дози на вакцини за КОВИД-19.
Вакцината на Фајзер и Бионтек која се очекува да пристигне во земјава на почетокот на следната година, не се препорачува за бремените жени, а оние кои сакаат да останат бремени треба да почекаат најмалку два месеци откако ќе ја примат втората доза, пишува во штотуку објавеното упатство за употреба на оваа вакцина во Велика Британија, наменето за медицинските професионалци. Вакцината не треба да ја примат ниту тие што имаат температура, ниту оние што примаат антикоагуланти како терапија.
Инаку, директорите на здравствените домови од цела држава за викендот биле на заедничка маса со министерот за здравство Венко Филипче. Клучна тема била вакцинацијата, во смисла чување и дистрибуција на вакцината против ковид-19, начинот на нејзина апликација, процесот на вакцинирање и како тоа ќе се закажува преку системот „Мој термин“.
На директорите на здравствените домови им било посочено дека почетокот на вакцинацијата нема да значи веднаш намалување на ризикот од ковид-19, ниту пак веднаш ќе се почувствува намалување на притисокот врз здравствените домови. Ризичните групи, со голем ризик за ковид 19 ќе бидат приоритетно вакцинирани и за нив вакцинацијата е високо препорачана, но не задолжителна.
Вакцинацијата за ковид-19 ќе биде бесплатна за сите граѓани, а лична одлука на секој граѓанин е дали ќе се вакцинира, информираше Министерството за здравство. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека за вакцинација на граѓаните ќе се користат постоечките вакцинални пунктови во здравствените домови низ државата, болници и други здравствени капацитети.