Атолот Куре во Тихиот океан во рамките на северозападните хавајски острови може да биде последното место во светот што „чуло“ за пандемијата на коронавирусот.
Станува збор за резерват на животни управувана од Одделот за земјиште и природни ресурси на државата Хаваи, во која живеат стотици морски птици и фоки. Ниту една личност не живее на островот, па затоа секоја година управата испраќа тимови на волонтери и експерти да ја проверат ситуацијата, пишува порталот „Полн куфер“.
Нивната задача е да се грижат за загрозени животни, но и да ги отстранат агресивните растителни видови кои го загрозуваат екосистемот.
Четиричлен тим истражувачи отпатуваа за Куре во февруари оваа година и во моментот кога се вратија – осум месеци подоцна, беа шокирани од состојбата на светот.
Имено, на островот немале пристап ни до телевизија ни до мобилен сигнал. Пристапот до интернет бил многу ограничен, а можеле да го користат само за да читаат мејлови од пријателите и семејствата.
Поради тоа, за време на 8-месечниот престој на атолот слушнале за коронавирусот, но не можеле ни да замислат како истиот влијаел на целиот свет. Посебно бидејќи истражувачите на островот оделе без маски и без потреба за држење дистанца.
“Меѓу болестите како САРС и свински грип, мислев дека ова е само следната работа во низата. Ништо големо. Мислев дека се ќе пројде до моментот кога ќе се вратиме дома”, изјавил членот на екипата Метју Бутчек Втори за CNN.
Тој не беше во право.
Иако тимот се радувал на враќањето во цивилизацијата и свежата храна, биле шокирани од новото нормално, карантините, носењето маска и другите мерки.
На единственото лице од тимот кое нема живеалиште во САД, Наоми Ворчестер од Нов Зеланд, и недостасува една сосема обична работа.
“Чудно ми е. Откако се вратив дома не добив ниедна прегратка” вели Наоми за CNN.