Поранешните американски претседатели Барак Обама, Џорџ Буш и Бил Клинтон доброволно се пријавија да ја примат вакцината за Ковид-19 пред камери откако таа ќе биде одобрена од регулаторните тела, со цел да покажат на јавноста дека таа е безбедна.
Тројцата поранешни претседатели се надеваат дека кампањата за подигнување на свеста за подобрување на довербата во нејзината безбедност и ефикасност ќе испрати моќна порака.
Шефот на кабинетот на Буш, за Си-Ен-Ен потврдил дека поранешниот претседател побарал од него да ги извести Ентони Фаучи, директорот на Институтот за алергии и заразни заболувања и водечкиот експерт за заразни болести во земјата, Дебора Биркс, дека е спремен да помогне во промовирање на вакцината. Портпаролот пак на Клинтон соопштил дека поранешниот претседател би сакал да ја прими вакцината јавно за да ја промовира. Слична порака испрати и Обама во едно интервју.
„Целосно им верувам на луѓето како Ентони Фаучи со кој соработував. Ако тој ми каже дека вакцината е безбедна и ве имунизра од добивање Ковид-19, ќе ја примам. Можеби тоа ќе го направам на телевизија или ќе го снимам, со цел луѓето да знаат дека верувам во науката и дека не сакам да бидам заразен со вирусот“, рекол Обама.
„Прво, вакцините треба да се сметаат за безбедни и да се дадат на приоритетните популации. Потоа, претседателот Буш ќе застане во ред за да ја чека неговата и со задоволство ќе го стори тоа пред камера.“
И Бил Клинтон би бил подготвен да ја прими вакцината јавно, со цел да ја промовира, рече неговиот прес секретар.
„Претседателот Клинтон дефинитивно ќе ја прими вакцината штом ќе му биде достапна, врз основа на приоритетите утврдени од здравствените служби. И тој ќе го направи тоа јавно, ако со тоа помогне сите Американци да го сторат истото“, рече Анхел Урена.