Денеска на белградските гробишта „Лешче“ ќе се изврши кремирањето и ќе се одржи комеморација во чест на Миша Алексиќ, легендарниот басист на „Рибља чорба“ кој почина од коронавирус.
Членовите на „Рибља чорба“ на официјалната фејсбук-страница соопштија дека нема да присуствуваат на кремирањето на нивниот драг пријател и колега.
– Драги пријатели, тешко е да се најде некој што го сака Миша повеќе од нас. И не можеме да се помириме со тоа дека веќе го нема. Знаеме дека Миша почина како последица од подмолната и невидлива болест. Почина непотребно. Знаеме дека не го потценуваше ова зло. Носеше маска и се чуваше. Правевме планови за иднината за која верувавме дека ја имаме. Злото наречено коронавирус и понатаму е меѓу нас, повеќе од кога било и затоа сметаме дека е наша обврска да ве известиме дека членовите на „Рибља Чорба“ нема да присуствуваат на кремирањето. Веруваме дека ниту Миша не би дозволил да се загрози нечие здравје или нечиј живот. Кога оваа чума ќе помине, заедно ќе го оплакуваме нашиот и вашиот Миша со концерт во негова чест. Бидете одговорни и здрави. Ве сака „Рибља чорба“ – пишува во соопштението.