Италијанскиот дневен весник „Џорнале“ пишува дека лажни кинески вакцини може да се најдат на Интернет по цена од 350 до 1.500 долари и ги предупредуваат Италијанците дека тие се опасни и забранети.
Директорот на царината Марчеко Минена за весникот „Стампа“ изјавил дека Италија ја зајакнала контролата врз бродовите и авионите, а претежно електронската трговија.
„Забележавме дека постои опасност од дистрибуција на кинеска вакцина, која сепак не беше произведена од официјалните кинески производители и која им беше дадена на кинески граѓани“, наведува Минена.
Генералот на Интерпол, Јирген Сток изјавил дека вакцината е „течно злато“ за црниот пазар. „Бизнис инсајдер“ известува дека на Интернет може да се најдат производи што немаат никаква врска со кинеската вакцина произведени од „Синовак“ или „Синофарм“ и дека цените се десет пати повисоки од вообичаените во Кина, кои се движат од 30 до 60 долари.
Италијанскиот весник „Панорама“ пишува дека кинеската вакцина против корона е достапна во Италија веќе неколку дена и дека е можно да се купи од Кинезите во Рим.
Вакцината се смета за нелегална бидејќи не ги поминала тестовите што ги бараат ФДА – Американска администрација за храна и лекови и ЕМА – Европската агенција за лекови.
Претседателот на Здружението на лекари од регионот Лацио, Антонио Маџо, и се обрати на јавноста: „Веќе со недели се шират гласини дека е можно да се купи кинеска вакцина против корона преку Интернет или во Кинескиот град, а разговарајќи со пријатели и лекари, добив потврда дека им пришле многу Италијанци со желба да ја купат вакцината. Кинезите кои живеат тука се враќаат во земјата за да добијат втора доза и потоа доаѓаат во Италија каде што ниту ФДА ниту ЕМА сè уште немаат одобрено официјално ниту една понудена вакцина “.