Поранешниот тренер на штипска Брегалница, Никола Спасов ја загуби битката со коронавирусот. Бугарскиот тренер, како што информираат медиумите од источниот сосед, денеска почина во 62. година од животот не успевајќи да ја добие битката со Ковид-19.
Кај Спасов беше утврден позитивен тест на коронавирус пред три недели од кога веднаш беше хоспитализиран. Но, не успеа да го издржи лекувањето од двојна бронхопневмонија.
Инаку стратегот од Бугарија, во минатото, во три наврати беше тренер на Брегалница. Тој ги предводеше штипските “сини“ од 2004 до 2006 година, потоа беше шеф на струката на Брегалница и во 2011 и во 2012 година. Последен клуб му бил Монтана, а смртта го затекна без тренерски ангажман.
Спасов покрај Брегалница и Монтана беше тренер и на екипите на Черно Море, Спартак Варна,Царско Село и на уште многу други клубови.