Професорот по теоретска механика на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“ Дејан Трајковски преку својот Фејсбук профил ги повикува здравствените власти веднаш да спроведат целосно затворање, за да се намали бројот на заразени од ковид-19.
“Денеска забележуваме извесен раст на бројот на активните случаи, но тоа воглавно се должи на намалениот брoј на затворени случаи. Во наредните денови ќе има поголемо затворање на многубројни случаи, поради што ќе видиме постепено заоблување, односно израмнување на фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на четвртата слика).
Таквото максимирање и стагнација на бројот на активните случаи би требало да доведе и до стагнација во бројот на хоспитализирани лица, иако ова мораме да го земеме со мала резерва поради тоа што не го знаеме просечното време на хоспитализирање. Доколку е подолго од 18 дена можно е бројот на хоспитализирани да расте уште извесно време.
Со проблемот на хоспитализираните се движиме на самиот раб од амбисот, бидејќи гледаме дека капацитетите стануваат проблем со секој изминат ден. Денеска во ГОБ 8 Септември, после повеќе од 20 дена видовме нето пораст на бројот на хоспитализирани за дури 21 лице (од 79 на 100). Очигледно дека бил отворен цел еден спрат – и веднаш бил пополнет. Во приватните болници веќе цел месец се пополнети сите 64 постели, кои веднаш по испишувањето се пополнуваат со нови пациенти. Имаат долги листи на чекање, односно распродадени се можеби и за цел месец однапред – ако болеста воопшто може да чека толку долго. Освен тоа, капацитетот на приватните болници е многу мал, па последната мерка од страна на здравствените власти за нивно менаџирање најверојатно ќе остане само празен, очајнички обид да се реши проблемот со прилично полните државни болници. Иако јавното здравство располага со вкупно 9000 постели, нивното пренаменување за лекување од ковид би значело сопирање на лекувањето на нековид болни, односно решавањето на ковид-проблемот би создал не-ковид проблем. Да не зборуваме за проблемот со несоодветните специјалности на докторите во преостанатите болници и клиники (на пример ОРЛ и офталмологија).
Навистина зачудува континуираното силување на здравствениот систем, наместо проблемот да беше решен на самиот извор, преку забавување на епидемијата со единствениот рационален начин – прекинување на контактите со помош на локдаун“ напиша Трајковски.