Луѓето кои имале КОВИД-19 најверојатно нема да бидат повторно инфицирани во период од најмалку шест месеци по првата инфекција, според британското истражување меѓу здравствените работници кои се во првите редови на борбата против епидемијата.
Откритието може да смири повеќе од 51 милиони луѓе ширум светот кои досега биле заразени со коронавирусот, велат истражувачите од Универзитетот Оксфорд.
„Ова е навистина добра вест, бидејќи можеме да бидеме сигурни дека, барем на краток рок, повеќето луѓе кои имале ковид-19 нема да се заразат повторно“, рече Дејвид Ејр, професор на Универзитетскиот оддел за јавно здравје и еден од авторите на студијата.
Изолираните случаи на повторна инфекција со новиот коронавирус предизвикаа страв дека имунитетот трае кратко и дека пациентите кои се опоравиле наскоро може повторно да се разболат.
Резултатите од истражувањето меѓу група британски здравствени работници сугерираат дека случаите на повторна инфекција се исклучително ретки.
„Не откривме никакви нови симптоматски инфекции кај ниту еден од учесниците кои имале позитивни тестови за антитела“, рече Еир.
Истражувањето го опфати периодот од април до ноември 2020 година. Резултатите беа објавени на веб-страницата Медрексив, но сè уште не ги проучувале други научници.
За време на студијата, 89 од 11.052 членови на медицинскиот персонал без антитела повторно се заразиле и имале симптоми. Ниту еден од 1.246 медицински лица со антитела не разви инфекција со симптоми.