“ПРИМЕТЕ ГИ“: Медицинскиот техничар Денис со апел до газдите на приватните болници

by Тони Зографски

Медицинскиот техничар Денис Јанкуловски преку својот Фејсбук статус побара приватните болници да отстапат дел од капацитетите за заболените од коронавирусот.

“Премногу месеци во идеи, предлози и размислувања. Деновиве зачестено се посакува приватните болници да отстапат дел од капацитетите во интерес на ковид заболените. Поразителноста е огромна што се губи време кога секоја минута е драгоцена.
Без да ме разберат погрешно менаџерите, вработените и газдите на приватните болници а со цел да ме разберат дека воопшто немам намера да се мешам и сугерирам во нивната политика вака јас размислувам.
Цената на еден болнички ден е во многу евра и за таа сума верувам дека нивните пациенти добиваат одлично сместување, болнички третман и сигурно дневен избор од мени со превкусни јадења. Па за да бидат примени пациентите кои би биле на товар на фондот еве нека доручкуваат кифла и јогурт, за ручек нека е супа од петел и ориз, за вечера нека е кроасан со чај.
Не мора никакви посебни оброци да добијат, нека биде фондовско мени.
АМА ПРИМЕТЕ ГИ!
Не дозволувајте да поминат уште денови во предлагања, планирања и очекувања. Хуманоста се покажува во вакви моменти. И најубаво е ако биде искрено искажана а не да треба да биде со наредба.
Не се гледа на добивката која верувам дека и така ја имате и повеќе од доволно. Сите на некој начин имаме загуба дали временска, дали материјална, образовна или друг вид.
Секоја загуба, па и паричната е надоместлива.
Но не и човечката. Таа е неповратна. Животот нема повратна карта. Но вие можете да се вклучите и да им го одложите прераното искористување на таа карта на многумина.
Затоа да бидеме сите хумани и во функција на здравството, заштитата на човечкиот живот и на што побрзото излегување од оваа доооолга и тешка ситуација. Да ги обезбедиме сите потребни капацитети за нашите сограѓани. Секој од нив сме и самите ние.
А тоа би успеало успеало само ако е ЗАЕДНО.

СИТЕ ХУМАНИ ЗА СЕКОЈ ЕДЕН ЗНАЧАЕН И ДРАГОЦЕН ЖИВОТ!!!“ напиша Денис Јанкуловски.

останати вести