Короната изворно пристигна од Кина, но таа земја не е најголемиот виновник за ширењето на вирусот, покажало најновото истражување.
Соработката помеѓу научници кои што работат на истражувањето на геномот од Велика Британија и Португалија, резултирала со една од најголемите анализи од таков вид, за илјадници геноми, чии што примероци биле собирани од земјите ширум светот.
Научниците мапирале дисперзија на вирусот кој што е одговорен за пандемијата Ковид-19 и дошле до заклучок дека ширењето на пандемијата како главен извор може да се побара во Европа, а не во Кина откаде што новиот коронавирус се прошири во останатите делови од светот.
Во новото истражување било потврдено дека коронавирусот изворно пристигнал од Кина и дека на човекот се пренел од лилјаците. Истражувањето било објавено во научното списание „Microorganisms“.
Тоа покажало дека забраната за движење во Велика Британија и Европа биле преслаби и дека биле воведени предоцна, па вирусот всушност се прошири и во САД и останатиот дел од светот најмногу преку Европа, а не преку Кина.
Со оглед на огромната количина на собрани податоци, ова истражување се смета за најголемо досега, во однос на анализата.
Истражувањето го повеле: д-р Терес Рито, клинички генетичар и д-р Педро Соарес, еволуциски генетичар, потоа професорот Мартин Ричардс и д-р Мариа Пала.
Д-р Пала смета дека подоброто разбирање на брзото ширење на вирусот ќе овозможи и подобро разбирање на самиот вирус, како и подобро и поодговорно носење на заштитни мерки и запирање на заразата.
„Со оглед на илјадниците животи кои што сè уште се загрозени, потребите за научни истражувања сега се многу поважни од претходно“, вели д-р Пала.